Блиска средба на британски и на руски воен брод


Кралската флота денеска информираше дека на Божиќ британската фрегата Свети Албанс интервенирала во Северното Море за да ја принуди руската фрегата Адмирал Горшков да се повлече од британските територијални води.

„Ние нема да се поколебаме во одбраната на нашите води и нема да толерираме било каков вид на агресија“, изјави денеска британскиот секретар за одбрана Гевин Вилијамсон, откако ја информираше јавноста за тензичната состојба, што се случувала во изминатите неколку денови, при што објави и фотографии од бркотницата на двете фрегати.

Британската фрегата испловила во саботата, а во понеделникот интервенирала да го попречи движењето на Адмирал Горшков и да го проследи надвор од британските води. Според Вилијамсон, британскиот брод денеска ќе се врати во воената база во Портсмаут, по завршената задача. Инцидентот се случил набргу по посетата на британскиот секретар за надворешни работи Борис Џонсон на Русија. Британското Министерство за одбрана информираше дека уште еден руски разузнавачки брод навлегол во британски води во неделата вечер, по што бил принуден да се повлече, а британски хеликоптер го следел движењето на уште два руски бродови.