Блерим Река се подготвува и за втор круг


Едниот застана на десната страна, а другиот на левата. Се собраа на едно место за да му дадат поддршка на независниот кандидат Блерим Река. Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, и претседателот на движењето Беса, Биљал Касами, но и самиот кандидат за претседател Блерим Река се цврсто уверени дека ќе соберат голем број гласови во првиот круг и дека ќе поминат во вториот.

„Ќе победиме затоа што нудиме концепт за враќање на републиката. Ние сме за евроатлантска и мултиетничка република. Македонија е држава, но не е република. Ќе биде тоа кога наместо владеењето на поединецот ќе има владеење на правото, но не сега кога судството е политизирано, кога има непотизам во јавната администрација, а Собранието амнестира одговорни за кривични дела. Ни требаат реформи ако сакаме влез во ЕУ. Заедно со вас ќе ја постигнеме целта. Ве повикувам на 21 април да славиме“, истакна претседателскиот кандидат Река.

Тој додаде дека неговиот концепт се разликува од тој „едно општество за сите“ на Стево Пендаровски и ќе значи држава за сите. Што се однесува за кампањата на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, порача дека не се согласува со тоа што не го поддржува Преспанскиот договор.

„Мојот концепт ‘држава за сите’ се разликува од тој на господинот Пендаровски – ‘едно општество за сите’. Државата е форма, а општеството е содржина. И во 2019-та не успеавме да изградиме држава за сите и тоа ќе биде мојата поента, Македонија како мултиетничка република, која нема да биде заробена, како што беше 11 години и нема да биде приватна држава, како што беше досега“, рече Река. Најави дека ќе води модерна кампања, непопулистичка, преку директни разговори со граѓаните. Очекува поддршка од сите етнички заедници.

Претседателот на Алијансата за Албанците порача дека Блерим Река е најдобриот кандидат што им се нуди на граѓаните кој има концепт за идниот развој на државата. Според Села, консензуалниот кандидат е токму Блерим Река.

„Концептот за република е всушност борбата што се води помеѓу политичари што имаа за цел да централизираат се и да владеат со судбините на граѓаните и тие што имаат за цел права и подобар живот за сите што живеат тука. Мислам дека граѓаните ова ќе го сфатат и на 21 април ќе го дадат нивниот глас за кандидатурата на проф. д-р Блерим Река. Река е симбол на ова што го слушаме со месеци и што сме го слушале минатите години. Ако некој бара консензуален претседател, тоа е Река. Ако некој бара заеднички кандидат, тоа е Река. Тој не е мотивиран од политички партии, туку од желбата за подобра иднина на нашите деца“, рече Села.

Претседателот на движењето Беса, Биљал Касами, вели дека без размислување ја поддржале неговата кандидатура, со која се покажува дека одиме кон департизирана држава.

„Тука сме да го охрабриме Блерим Река како независен кандидат и да ги охрабриме сите други политички партии да го поддржат бидејќи ова не е партиска кандидатура и тој не е член на ниту една партија. Заедно ќе докажеме дека Река е најзаслужен да биде на чело на институцијата претседател на Република Северна Македонија. Со тоа ќе докажеме дека сме подготвени да одиме чекор понапред кон департизирана држава и институции и дека сме достојни на чело на државата биде личност која не е партиска, која нема да ја злоупотреби таа позиција за партиски интереси, а најмалку граѓаните да ги подели врз етничка, религиозна или друга различност што ја имаме како богатство“, истакна Касами.

На новинарско прашање што ако Река не помине во вториот круг, на кој кандидат ќе му дадат поддршка потоа, Села оцени дека прашањето е тенденциозно.

„Мислам дека ќе поминеме во вториот круг. Ние не ги сметаме граѓаните и гласачите како наша сопственост и не сметаме дека треба да ги делегираме како со далечинско, вака или онака да се однесуваат. Граѓаните и гласачите ги сметаме за партнери во градење на правна држава и партнери со кои заедно ќе ја градиме иднината. Мислам дека другите кандидати треба да се изјаснат за нашиот кандидат кој ќе помине во вториот круг“, рече Села.

Касами, пак, кратко одговори: „Во вториот круг ќе гласаме за Блерим Река бидејќи ова е најдобра кандидатура што ѝ треба на Македонија“.

Река, како независен кандидат, за помалку од 15 часа собраа над 11.000 потписи и ги повика граѓаните да покажат ист ентузијазам и на 21 април.

Арменд Мурсели