Благоја Чоревски награден на фестивалот „Ристо Шишков“


Наградата за високо актерско остварување на 26. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ ја доби актерот Благоја Чоревски.

Нему фестивалското жири предводено од српската актерка Тања Бошковиќ му ја додели наградата за улогата во претставата „Квартет“ во копродукција на Македонскиот народен театар и „Контрапункт“ од Скопје, по текст на Роналд Харвуд во режија на Зоја Бузалковска.
Наградата на Чоревски му ја врачи директорот на фестивалот, Ванчо Ристов Патриков и таа се состои од златен медалјон со ликот на Ристо Шишков, плакета и парична награда во износ од 1.500 евра.
Меѓународната театарска асоцијација НЕТА додели повеќе други награди на фестивалот.
За најдобра претстава е прогласена „Еднаш свет изградив“ во продукција на Театарот за деца и младинци од Скопје, наградата за најдобра режија му е доделена на Ник Апер за претставите „Петтиот чин“ во изведба на Народниот тетатар од Струмица и „Ибзеновите женски“ во продукција на Покет театар студио од Љубљана и „Аграрија“ од Копер, Словенија. Награда за најдобра сценографија, дизајн на светло и костимографија е доделена на Јулијана Војкова Најман за претставата „Клетници“ во изведба на Прилепскиот театар.
Наградата за најдобра музика ја доби групата „Фолтин“, исто така за претставата „Клетници“, а наградата за најдобар текст му е доделена на Радован Тишма за „Четири браќа“ на Књажевскиот српски театар од Крагуевац.
Актерите на Струмичкиот театар, Бранко Бенинов и Ванчо Крстевски, добија награда за машка улога за своите остварувања во претставата „Петтиот чин“.
Награди за женска улога добија Румјана Мерџанска за улогата во претставата „Трговци на презервативи“ на Театарот од Враца од Бугарија и Мирјана Поповска-Ристов за улога во претставата „Дони дарк“ на Театар комедија од Скопје.
Наградата за дебитантско остварување ѝ е доделена на Димитрина Мицкоска за претставата „Женска утопија“. Специјална награда на фестивалот доби претставата „Доктор Фауст“ во изведба на Битолскиот народен тетатар со која беше спуштена завесата на годинешното издание на фестивалот „Ристо Шипков“ во Струмица. (

Македонски и бугарски поети заедно читаа поезија
Десетина поети од Струмица и Благоевград, Бугарија во рамките на настанот „Поетски дијалози“ читаа своја поезија.
Пред публиката се претставија поетите: Никола Маџиров, Киро Донев, Сузана Мицева, Ѓорги Калајџиев, Ице Беличев, Никола Сарајлија, Смиља Василевска и Митко Гогов, а бугарските поети ги претставуваа: Борислав Владиков, Катерина Кирјанова, Снежана Стојнева и Златко Павлов.
Според Васил Новоселски, претседател на Читалиштето од Благоевград, ваквите поетски средби треба да бидат почести и поблиски.
– Се надевам дека нашата соработка во наредните години ќе стане таква што секој ден ќе остваруваме контакти, ќе се доближуваме едни до други и ќе се почитуваме. Се радувам што меѓу нашите поети и писатели од Благоевград и Струмица се раѓа една исклучителна дружба, истакна Васил Новоселски, претседател на Читалиштето од Благоевград.
Од името на домаќините, гостите ги поздрави писателот Ацо Гогов, кој рече дека во нашата меморија се потсетуваме на стиховите на големите поети Христо Ботев, Иван Вазов, Пејо Јаворов и на сите големи имиња на бугарската литература и поезија.
„Поетските дијалози“ меѓу поети од Македонија и Бугарија се одржаа во рамките на оф-програмата на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.