Благица Калева победи на 33. Фолк фест Валандово


Фолк-пејачката Благица Калева со песната „Горда мајка“ победи на 33. Фолк фест Валандово кој се одржуваше викендов и освои 1500 евра. Второто место му припадна на Филип Божиновски, кој пред неколку години беше актуелен на поп сцената. Овојпат, публиката го виде во поразлично светло, што пак му донесе парична награда од 1000 евра за песната „Умирам по тебе“. Жирито го „позиционираше“ Благоја Грујовски на третата позиција, која предвидува парична награда од 750 евра.

Годинава престижниот фестивал кој се врати напролет, беше со ново раководство, без уметнички директор, но со Совет на фестивалот кој беше одговорен за селекција на песните.

И покрај новините, се чини наместо фестивал годинава организацијата беше во насока на телевизиско шоу, со многу говор и автобиографски претставувања на сцената. Дел од пеачите , според  Канал 77, изјавија дека концептот е повеќе погрешен отколку креативен.

Григор Копров пак, кој на јавноста и’ е познат по неколку децениското создавање песни, на Фолк фест Валандово се појави како интерпретатор.

Освен публиката во салата , на фестивалот гласаше и жири комисија.

Специјална гостинка во паузата на гласањето беше босанската легенда Халка Палдум.