Би-би-си за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ: Раскош што прокиснува


Партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, изградено е во полн сјај за време на десетгодишниот режим на Никола Груевски. Наместо некогашната „жолта куќичка“, никна раскошна осмокатница, луксузно опремена одвнатре. На ѕидовите се наоѓаат гигантски слики кои ја отсликуваат историјата на партијата и на државата. Сепак, во просторијата со панорамски поглед на осмиот кат, на ѕидовите се јасно видливи влага и траги од прокиснување, пишува Би-би-си на српски јазик во текст посветен на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и неговите ставови во врска со договорот за името и престојниот референдум.
Во подолгиот текст, Мицкоски убедува, меѓу другото, дека неговата партија е сега во далеку подобра состојба отколку по големиот пораз на локалните избори.

„Според последните истражувања имаме значаен раст на поддршката во однос на власта. Не само што не се плашам, туку сум и убеден дека ќе победиме на следните избори“, вели Мицкоски.