Битолчани ја очекуваат ветената обнова на Офицерскиот дом


Битолската локална власт  се подготвува за обнова на Офицерскиот дом, споменик на културата и архитектонски бисер на Широк Сокак,  кој со години е оставен на забот на времето,  руиниран и целосно нефункционален. За проектот се издвоени 20 милиони денари од локалниот и државниот буџет. Општина Битола аплицираше и во европските фондови за грант од 70 милиони денари, а се очекува одговор дали средствата ќе бидат одобрени. По добиената градежна дозвола, како и конзерваторското одобрение од Управата за културно наследство, Општината отпочна постапка за јавна набавка за реконструкција на Офицерскиот дом, а во првата фаза се планирани обнова на покривната конструкција и промена на дограмата, како приоритети за да се спречи понатамошно уништување на зградата.

„Општина Битола во јули започна постапка за јавна набавка согласно со развојната програма за 2018 година и одвоените 10 милиони денари за реконструкција на Офицерскиот дом. Постапката е во тек и се очекуваат сите потребни согласности од ресорните министерства. Исто така, се очекува Владата на некоја од наредните седници да даде одобрување за префрлање на 10 милиони денари, средства кои ќе бидат наменети за реконструкција на Офицерскиот дом“, наведуваат од Општината.

Која ќе биде намената, ќе се определи  преку јавни дебати, а според постојниот елаборат, предвидено е Офицерскиот дом да служи за културни настани, но  дел и за комерцијални дејности, со цел да се овозможи самоодржливост на оваа исклучително значајна градба.

Засега не се знае кога ќе отпочнат активностите за реконструкција и со која динамика ќе се изведуваат, но извесно е дека  час поскоро е потребна  санација на објектот стар повеќе од еден век, на кој покрај досегашната негрижа, времето  му е најголем непријател.

Некогаш гордост, сега срам за  Битола

Повозрасните битолчани со носталгија и тага се сеќаваат на златните времиња на Офицерскиот дом и со нетрпение ја очекуваат реконструкцијата, најавена како еден од капиталните проекти на актуелната локална  власт во кампањата за локалните избори во 2017 година. Некои се лути што обновата сè уште не отпочнала, скептични се дека ветувањето ќе се оствари, други, пак, се надеваат дека наскоро ќе му се врати стариот сјај на Офицерски.

„Веќе изгубив надеж дека барем ќе почне нешто да се прави, доаѓа есен, па зима, дождови и снег, нема ниту прозорци ниту врати, сè е уништено, ќе пропадне зградата, жално е“, вели еден битолчанец.

„Тука ни помина младоста, доаѓавме на забави, концерти во најубавата и најакустична сала во оваа зграда. Сега сè е руинирано. Очекуваме дека ќе направат  нешто, еве минуваат месеците, да се надеваме дека повторно ќе се гордееме со Офицерски“, велат повозрасните битолчани.

Изградбата на овој грандиозен објект на битолски Широк Сокак  почнала во 1909 година по барање на тогашниот управник на битолскиот вилает, Абдул Керим Паша, а конечно бил завршен  во 1919 година. Градбата е синтеза на палата и тврдина, а се протега на површина од 600 квадратни метри и има подрум, приземје, кат и галерија. Во него низ годините се одржувале голем број балови, концерти,  забави, театарски претстави, а златниот период Офицерскиот дом во Битола го имал во периодот од  шеесеттите до осумдесеттите години на 20 век.

Хроничарот на Битола, д-р Александар Стерјовски, во својата книга „Битола – каријатиди на театарот“ запишал дека „двете акустични сали, долната и горната на велелепниот Офицерски дом во Битола станале место за разонода, но и за концерти и театарски претстави. Горната сала броела 300 места и била една од најголемите во градот, сè до обновување на театарот“.

Објектот со својот раскош и убавина пркосел на време и невреме, војни и премрежија, а денес ја губи битката со негрижата на надлежните. Црните страници од историјата на битолскиот Офицерски  дом се пишуваат во последните петнаесетина години, кога објектот речиси целосно е претворен во руина. Прокиснува покривната конструкција, фасадата е оштетена и испишана со графити.  Искршени се вратите и прозорците со познатите витражи, па во ноќните часови навраќаат сомнителни посетители, а првиот кат е претворен  во депонија со ѓубре. Украдено е сè што може да се однесе, откорнати се паркетот и електричната инсталација, а кристалниот лустер во балската сала, кој беше донесен од скопскиот Офицерски дом по земјотресот во 1963 година, се одвои од таванот и падна врз подот.

Многу сопственици, малку грижа

Офицерскиот дом во Битола бил прогласен за споменик на културата во 1977 година, кога беше познат како Дом на ЈНА во  сопственост на Секретаријатот за народна одбрана на тогашната СФРЈ. Од независноста на Македонија до денес, објектот во повеќе наврати ја менуваше надлежноста, од централно на локално ниво, а во 2010 година  беше отстапен на Општина Битола, па повторно вратен на државата. Со одлука на Владата во 2015 година, Офицерскиот дом беше огласен на продажба, но поради жестоките реакции на битолчани, оваа одлука беше повлечена, а сопственоста повторно префрлена на Општина Битола.

Од 2005 година до денес,  објектот никогаш не е  ставен во функција. Во него се снимија неколку филмови, во дворот се одржуваа некои манифестации, но никогаш не се најде трајно решение.

Додека  се очекува реконструкцијата на  Офицерскиот дом, во тек е судски процес против поранешниот градоначалник Владимир Талески, а Основното јавно обвинителство го товари за несовесно работење,  затоа што не ги заштитил објектот и големиот кристален лустер. Талески на едно од судските рочишта рече дека обвинението е тенденциозно, неосновано и апсурдно, а тој не се чувствува виновен. Неговиот адвокат  вели  дека  поранешниот градоначалник   ја наследил зградата во руинирана состојба.

„Ние имаме снимка од 2010 година како изгледал Офицерскиот дом, дека таму нема никаков инвентар, туку празни ходници. Тоа било првпат кога бил пренесен на Општината, а потоа пак бил вратен на Република Македонија, па пак даден на Општината“,  рече адвокатот на Талески, Драги Пажиќ.

Оставен со отворени  врати и прозорци,  вандализмот врз  Офицерскиот дом  не запре, а  пред неколку месеци  беше спречен пожар во внатрешноста на објектот, кога некој во ноќните часови запали оган. За да се заштити од понатамошно уништување на она што останало  до почетокот на  најавената реконструкција, локалната самоуправа неодамна ангажира агенција за обезбедување, а исто така,  зградата е и осигурена.

Емилија Мисирлиевски