Бирократијата ќе ја изеде државата
Ерол Ризаов
Деновиве, кога прочитав дека Македонија има околу 100.000 луѓе во државната администрација, двојно повеќе отколку на почетокот на независноста, прво на ум ми дојдоа професор Димче Коцо, кој ми предаваше пред половина век историја на уметност, а потоа Јанез Јанша, поранешниот словенечки премиер. Мислам дека тие двајца најдобро ја објаснија за обичните смртници разликата меѓу државна бирократија и современата европска администрација. Ќе ги споделам со вас овие убави и поучни приказни.
Легендарниот професор Димче Коцо, кој ни зборуваше за големите светски сликари со еден неповторлив јазик атипичен за нашите универзитетски професори, на пример, ни прикажуваше маестрално зошто Сандро Ботичели сликал убави жени, а не ќелавицата на неговиот пријател и колега Љубен Лапе. Така еден ден откако значајно ни покажа една слика на очигледно луд човек во болнички пижами не праша малку да размислиме чија е таа слика,ама да му кажеме подоцна. Беше тоа увод на предавањето како реалното се трансформира во апстрактно во уметноста, но и во животот.
Одам јас да вадам пасош, одвај го најдов шалтерот, ја почна приказната професорот. Јас онака мал сепак морав малку да се наведнам и да ѕирнам низ едно мало отворче, тие што се повисоки мораат многу повеќе да се наведнат. Кога, зад тоа отворче на стаклото стои едно картонче и не можам ништо да прашам. Се врткам натака, навака и на крај се решив да го помрднам тоа хартиено перде. И, оп, гледам една уста како џвака и една рака со бурек. Извинете велам дали овде се поднесуваат документи за пасош. Абе, ајван еден ми, вели човекот зад картончето на кој му ја гледам устата како џвака и зборува исфрлајќи трошки, нели гледаш дека горе пишува пауза од 9.30 до 10.00 часот, не можам од тебе на раат да доручкувам и, трас, пак го стави картончето. Извинете, извинете, се засрамив и бргу, бргу си заминав. Арно ама, морам да патувам, па малку се послужив со итрина и побарав врска преку фиљан човек, колега кој има врска со градскиот комитет на комунистите. Веднаш ми јавија да одам утре сабајле во 9.30 во службата за издавање пасоши. Аман реков не, само вие одете и кажете кој сте, ми рекоа. И, еве ме пак денеска пред да дојдам на предавање на шалтерот точно во 9.30. Картончето си стои, прозорчето покриено. Овојпат не го турнав, туку потчукнав и ја гледам пак истата уста како џвака. Се извинувам, велам, јас сум Димче Коцо ми рекоа…. не довршив човекот излета од една врата уште џвакајќи и ми рече: ви сме молам професоре, зошто на шалтер чекате, веднаш појдете кај началникот ве чека, и ме испрати до канцеларијата на началникот. Додека го испивме кафето со началникот и додека ми ги кажа големите тешкотии и проблеми што ги имаат вработените и особено тој лично во пасошкото одделение мене ми стаса новиот пасош. Урааа.
Ајде сега дали знае некој кој го насликал ова дело. Не знае никој. Па добро, и нормално е да не знаете. Ова е слика на Пабло Пикасо. Сите извикавме, неее професоре не е можно… Зошто не е можно, возврати Коцо. Па ова нема врска со сликите на Пикасо, ова е чист реализам, како да е сликано со фотографски апарат. Да, да реализам, ама Пикасо сликал во својата младост и такви дела што не се кубистички. Сега ја гледате разликата нели, но јас сакам да ви кажам уште нешто со што не се согласуваат многу сликари и скулптори. Само тој уметник што успеал да го трансформира реалното во апстрактно има право на апстракција. Инаку, само апстрактното може да биде гола вода, лага, измама. Човекот што џвакаше бурек првиот ден е реален бирократ, утредента беше истиот, ама само исплашен откако слушна кој сум и кој ме препорачува неговата трансформација стана чиста апстракција која тој не ја поднесува. Запамтете деца, рече професорот, големите промени и реформи за кои постојано зборуваат политичарите ќе почнат кога на шалтерите нема да се наведувате и ќе нема пауза, туку само повелете. Ако дотогаш бирократијата не ја изеде својата држава како богомолка мажјакот.
Четириесет години подоцна словенечкиот премиер Јанез Јанша ми појаснуваше колку е важна современата администрацијата за односите со Брисел и колку е тешко да се изгради добар административен државен апарат од кој ќе бидат задоволни и граѓаните и државата. Словенија со два милиони граѓани не смее да има повеќе од 70.000 луѓе во државната администрација, но несреќата не е толку во бројката, туку во квалификациите на вработените, знаењето на проблематиката, познавање на светски јазици, висока култура во комуникацијата со граѓаните и со институциите на ЕУ. Тоа значи дека треба да се промени прилично радикално структурата на постојната администрација и да се школуваат и усовршат нови кадри кои треба да бидат и добро платени. Тоа буџетот го оптоварува не знам колку милиони евра, а кога се во прашање парите на граѓаните, работите стануваат многу чувствителни во Словенија, каде што кон администрацијата има голем отпор бидејќи девет пати повеќе луѓе работат надвор од државната администрација, која се издржува со нивните пари.
Секој ден од Брисел стасуваат десетици, а некогаш и стотици известувања и пораки, разни прашања и обврски на кои треба брзо да се одговори. Тие сите стигнуваат на е-портал и потоа се распоредуваат по надлежни сектори и одговорни службеници. Таа интензивна комуникација не е можна без добро обучена и стручна администрација на што ЕУ многу сериозно и силно инсистира.
Е сега драги мои, дали некој може да ја каже формулата како Македонија ќе успее прво да ги зачува добрите и обучени малобројни кадри во администрацијата кога со секоја влада се менуваат и деградираат. Второ, како ќе се отпуштат најмалку 50.000 луѓе од тие што се вработени во државната администрација, а на нивно место да се примат нови 20.000 стручни лица добро обучени. Тоа е гледано од денешен агол невозможна мисија во Македонија. Но, ако се има предвид фактот дека без добра и стручна администрација која меѓудругото е производ и на владеење на правото и не е партизирана и сервилна кон претпоставените и политичките функционери, тогаш, станува јасно колку биле во право и професор Коцо и господин Јанша. Само буџетската дупка направена од изедените пари на пензиските фондови и за плати на администрацијата изнесува две третини од државната каса. На здравје бричење на суво. Ах, таа Европа, кои маки ќе ни ги зададе да бидеме како што треба, ако бидеме.