Билборд: Селена Гомез е „Жена на годината“


САД- За Селена Гомез 2017 ќе биде година што долго ќе ја памети – што поради нејзината нова музика, што поради светската слава и големата популарност на Инстаграм, како и поради нејзината храбра борба по пресадувањето на бубрегот. Во низата признанија последно беше „Жена на годината“, што на Гомез ѝ беше доделено на наградите „Жени во музиката“, во организација на магазинот „Билборд“.

„ Ретко може да се најде некој што своите искушенија и страдања ги користи за да ги направи другите луѓе посилни – беа зборовите со кои беше претставена Селена Гомез пред да ѝ биде врачено признанието „Жена на годината“.

Наградата ѝ ја додели нејзината најдобра другарка Франција Раиса, која ѝ го донира својот бубрег. Таа накусо посочи дека кога се запознале со Селена, веднаш се поврзале, додавајќи дека кога дознала дека може да ѝ го спаси животот, не се мислела двапати.

Селена Гомез веднаш заплака при примање на наградата, изјавувајќи дека Франција ѝ го спасила животот.

– Се чувствувам неверојатно среќна. Искрено, не можам да бидам поблагодарна за позицијата што ми е дадена во мојата кариера… Посебно оваа година, сакам да се заблагодарам на мојот неверојатен тим и на моето семејство, затоа што беа со мене во навистина тешки времиња. Имав многу работи да завршам годинава, рекла пејачката.

Додала дека ѝ било многу тешко да биде предмет на шпекулации додека одела на терапии и дека тоа ја разлутувало.

„Јас сум проклето фина со сите, а сите се толку злобни кон мене. Работам од 7 години. Амбасадор сум на УНИЦЕФ од 17 години. Толку е разочарувачки што станав приказна за таблоиди, посочила Гомез.