Биланс на сообраќајни несреќи во тетовско: Двајца загинати и 13 повредени


Двајца загинати, 13 лица со тешки повреди како и 68 лица со повреди од полесен карактер биле последиците од вкупно 80 сообраќајни несреќи со пешаци што во текот на 2017 се случиле на тетовското подрачје, информира портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Во 2016 година на ова подрачје имало четворица загинати пешаци во сообраќајки, додека бројот на тешко и телесно повредените е на приближно исто ниво.

Според податоците на Јосифовски, најголемиот број од минатогодишните несреќи со учесници-пешаци биле последица на неприлагодена брзина од возачите односно недавање предност од нивна страна но и поради невнимание на пешаците.

– Имајќи предвид дека и на почетокот од годинава се случија неколку сообраќајни несреќи со повредени пешаци СВР Тетово повторно апелира до возачите задолжително да им даваат предност на пешаците и да ги пропуштаат на пешачки премин. Во спротивно ќе се соочат со соодветни поднесоци и глоба која за ваков вид прекршок изнесува 300 евра во денарска противвредност. На пешаците им се советува да не ги преминуваат улиците каде ќе стигнат, внимателно да се движат и да не се задржуваат на коловоз, посебно на крстосници но и воопшто. Глобите за пешаците зависно од прекршокот се движат од 35 до 45 евра во денарска противвредност, рече Јосифовски.

За подобрување на состојбите на овој план во тетовско од страна на СВР Тетово минатата година биле спроведени седум акциски контроли во чие средиште биле пешаците а биле организирани и седум сообраќајни поуки за пешаците-прекршители