Бесплатното лекување нема да се одрази на работењето на клиниките и болниците


Од почетокот на идната година болничкото лекување ќе биде целосно бесплатно, но тоа не значи дека клиниките и болниците ќе останат без средства. Од буџетот преку Фондот за здравствено осигурување на Македонија ќе се вложи дополнителен износ средства во сите клиники и болници. Во никој случај нема да се намали бројот на новите методи кои планираме да ги имплементираме.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дали укинувањето на болничката партиципација за пациентите кое ќе стартува идната година, ќе се одрази на работењето на клиниките.

Посочи дека во здравствениот систем треба повеќе да се вложува и оти сакаат значително да го зголемат квалитетот на здравствените услуги.

– Секоја метода се анализира од стручните колегиуми. Постои т.н. систем на анализа на медицинските технологии со кој ние точно знаеме за инвестицијата што добиваме, рече Филипче по прес-конференцијата за пуштањето во употреба на Кабинетот за клиничка исхрана и за набавката на ендоскопски капсули на Клиниката за гастроентерохепатологија.