Бесплатен превоз за сите скопски ученици, независно од оддалеченоста на домот од училиштето


Во новата учебна година новина е бесплатниот превоз за сите ученици во средните училишта на Градот Скопје независно од оддалеченоста на местото на живеење од училиштето во кое учат.

-Досега бесплатен превоз користеле околу 20.000 ученици кои ги живеат на повеќе од 2,5 километри оддалеченост од училиштето во кое учат. Од оваа учебна година бесплатен превоз ќе имаат можност да користат дополнителни над 2.000 ученици односно сите ученици во средните училишта на Град Скопје без исклучок.  – нагласи денеска  Градоначалникот Петре Шилегов.

Дополнителните средства за бесплатниот превоз на ученици се обезбедени директно од Буџетот на Град Скопје за 2018 година како дел од Програмата за активности на градот за средното образование.

Градоначалникот Шилегов при посетата на гимназијата Орце Николов рече дека локалните власти летово работеле на реновирање на сите 19 средни училишта  во Скопје. На 13 се поставени енергетско-ефикасни фасади, а според потребите во училиштата ренована е столаријата, подовите, дворовите, како и тоалетите кои се адаптирани за лица со посебни потреби.