БЕСА на Гаши добила понуда од Заев – се дели колачот за Владата


БЕСА на Африм Гаши добила понуда од премиерот Зоран Заев кој неодамна истакна дека на крај е реконструкцијата на Владата.

Неофицијално, како што јавува канал 5, иако не соопштуваат сеуште детали, во игра е Министерството за култура, како и дел од директорските позиции кои ги држеше Алијансата на Села.

Висок партиски функционер изјавил дека не сака да шпекулира пред конечниот договор.

Инаку, веќе долго се шпекулира дека СДСМ и ДУИ ќе направат трампа меѓу министерствата за образование и правда.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека викендов партиите со кои е разговарано размислуваат за понудите за влез во Владата.

– Реконструкцијата на Владата е дојдена до фаза на размислување од понудите помеѓу партиите со коишто разговаравме. Викендот ќе се искористи веројатно од сите партии со коишто разговарав, и кај нас, исто така во СДСМ, но и во коалицијата да размислуваме. Ако отприлка кажеме да, мислам дека ќе бидеме веќе готови со одлуката за Влада, мислам на министри и заменици, а после тоа ќе продолжиме да разговараме за директори, заменици директори и слично, рече Заев во изјава за медиумите за време на посетата на Дојран.

На процесот, како што кажа Заев, гледаме како на процес за преземање одговорност.

Премиерот Заев денеска во Дојран се вклучи во акцијата на ЗЕЛС за чистење и уредување на општините.