БЕСА жртва на политички роварења


Мешање на тајни служби – и домашни и странски, непринципиелни игри зад сцената од страна на лидери на политички партии, но и на други структури… Сето ова стои зад сомнежите на скопскиот огранок на „Беса“, за расколот што се случи во партијата, откако се одржаа две паралелни седници на највисокиот партиски орган – Централниот совет, една во Скопје, друга во Тетово. Не соопштуваат детали за посочените мешања во партијата, но тврдат дека „многу субјекти“ се вклучени во сценариото со една цел – да се направи раскол во „Беса”.

Сѐ се случи викендов, кога на седница на Централниот совет во Тетово е донесена одлука да се одржи партиски конгрес на 24-ти февруари, до кој со партијата и натаму ќе раководи претседателот Биљал Касами. Од друга страна, истиот партиски орган на седница во Скопје, го смени Касами од претседателската позиција и најави конгрес на 21 февруари, до кој со партијата ќе раководи пратеникот Неџбедин Каремани. Тој на пратеничката функција дојде откако од собраниските клупи се повлече Касами, за да учествува во изборната трка за градоначалник на општина Тетово.

Состојбата засега се заканува да заврши со поделба на „Беса“ на два партиски субјекта, а во двата огранока за расколот ја обвинуваат другата страна. Во скопскиот огранок не го кријат разочарувањето, а вината ја лоцираат во влијание на екстерни фактори, на кое подлегнале дел од раководните структури.

„Со грубо мешање од разни тајни служби – и домашни и странски, лидери на партии и разни други структури, целта е да се направи раскол во ‘Беса’. Некому му пречиме, сакаат да нѐ стават под контрола“, велат извори од скопскиот огранок.