Берлиналето годинава во знак на женското творештво


Меѓународниот филмски фестивал во Берлин беше отворен синоќа со филмот на данската режисерка Лоне Шерфиг – „Љубезноста на странците“. За главната награда Златна мечка се натпреваруваат 17 филма.

Француската глумица Жулиет Бинош го предводи шестчленото жири, а како занимливост се посочува тоа што во главната конкуренција има повеќе филмови на жени-режисери – вкупно седум. Меѓу нив се: „Господин Џонс” на Полјачката Агњешка Холанд, „Елиса и Марсела” на Изабел Којшет од Шпанија, како и „Господ постои, името ѝ е Петрунија” на македонската режисерка Теона Стругар Митевска.

Од познатите ѕвезди на црвениот тепих се очекуваат Катрин Денев заради филмот „Збогум, ноќ“, Диане Кругер („Оперативец“) и Кристијан Бејл („Човек од сенка“), чии филмови исто така се во трка за главната награда.

Почесната Златна мечка за животно дело ќе ја добие британската глумица Шарлота Ремплинг, а во нејзина чест ќе биде прикажан филмот од 1974 година, „Ноќен чувар” на италијанската режисерка Лилијана Кавани.

Победникот на Берлиналето ќе биде објавен на 16 февруари. Лани Златната мечка ја доби Романката Адина Пинтили за филмот „Не допирај ме“.

На Меѓународниот фестивал секоја година се прикажуваат околу 400 филмови.