Без проблем ќе се пуши на тераси и во летни бавчи


Пушачите слободно ќе можат да пушат на тераси, летни бавчи и слично што се надвор од деловниот објект, предвидува предлог-законот за изменување на Законот за заштита од пушењето, кој е на дневен ред на тековната собраниска седница.Со ова не се менува ништо суштинско во важечките одредби околу пушењето во јавни објекти, но се отстранува можноста за различно толкување што ја овозможува постоечкиот закон. Предлагачи се група пратеници од СДСМ.
– Просториите што и досега беа за пушачите, ќе си останат за пушачите. На надворешниот простор на деловните објекти, што се тераси, ќе биде дозволено пушењето без разлика на временските услови. Ние само реагираме на фактичка состојба бидејќи претходно не беше јасно утврдено и толкувањето беше оставено на државните органи – вели Ивана Туфекџиќ, пратеничка од СДСМ.
Предлагачите сметаат дека од 2008 година наваму беа воведувани построги правила за заштита од пушењето, како за пушачите, така и за угостителите. Поради тоа, сопствениците на кафеани, кафетерии, ноќни барови, пивници, коцкарници, биле принудени да отпуштат дел од персоналот. Угостителскиот сектор доживеал драстичен пад на прометот, од околу 75 отсто, особено во зима, доцна есен и рана пролет.
„Контрадикторноста на законот ја гледаме во тоа што не е казниво палењето цигара надвор од деловниот објект (на тераса, летна бавча или слично) ако се временските услови погодни и преградите се отстранети, додека во спротивно подлежи на санкција која, пак, е огромна. Тоа угостителите ги става во директна зависност од метеоролошките услови, што е прилично неблагодарна ситуација“, сметаат предлагачите.
Измените би се донеле по скратена постапка.