„Без ограничувања“: Поголема пристапност за лицата во ортопедски колички


Едукативно-тематска работилница како завршен промотивен настан во рамки на проектот „Хронични компликации кај лицата со параплегија и квадриплегија во Македонија“ се одржа во Скопје.

Настанот беше организиран од Здружението на граѓани со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања“ од Кочани и „Мобилноста предизвик“ од Скопје, а со поддршка од „Полио плус“. Работилницата е дел и од поширокиот проект „Маргина Обскура – прашањето на хендикеп во пристапувањето кон Европската Унија“, финансиран од ЕУ.

Во воведот беа презентирани резултатите од Истражувањето за физичката пристапност и инфраструктурата на здравствените установи. Во прилог на тоа, испечатен е и „Именик“ со оценки за секоја поголема установа одделно. Притоа, претставничката на „Без ограничувања“, Биљана Маневска ја истакна потребата од поголема пристапност, воопшто – до јавните објекти, за лицата што се движат со ортопедска количка или какво било друго помагало.

– Непречен и соодветен пристап до здравствените установи значи подобар и поквалитетен живот за лицата со параплегија и квадриплегија, подигање на јавната свест кај здравствените работници, но и воопшто, кај населението. Така се зачувува приватноста и се зајакнува чувството на самостојност и на прифаќање во околината на лицата со попреченост, смета Вангел Тркаљанов, претседател на „Без ограничувања“.

На настанот, исто така, се одржаа стручни предавања за некои од најчестите медицински проблеми со кои се соочуваат лицата со параплегија и квадриплегија, како што се уринарни компликации и превенција на декубитални рани со современи метод.

На крајот, свое обраќање имаше Вангел Тркаљанов, кој говореше за потребата од избор на соодветна ортопедска количка, за придобивките, но и проблемите доколку не се внимава на тоа. Во прилог на тоа, беше промовирана и брошурата „Живот на тркала“ како информативно-едукативна алатка што треба да им помогне на лицата со параплегија и квадриплегија полесно и поактивно да се вклучат во секојдневниот живот.

На настанот присуствуваа лица со попреченост од повеќе градови во Македонија, како и медицински експерти.