Бебето доби старател, полицијата го бара тепачот


Полицијата уште утврдува кој го претепал 14-месечното женско бебе, кое сега се лекува на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), каде што пред неколку дена било примено со сериозни повреди на главата и со стари скршеници на нозете.

Додека се расплеткува драмата што ја преживувало бебето во својот досега краток и веројатно трауматичен живот, излегуваат информации и за животот на мајката: таа има само 20 години, била дете без родителска грижа и има сомнежи дека била жртва на насилство додека таткото на бебето е во затвор. Таа сега не е со детето, на кое од вчера социјалните служби му одредиле старател.

Од КАРИЛ потврдија дека детето е во релативно стабилна состојба. Вчера го нахраниле и имало добар апетит. Уште е рано да се каже дали крвавењето во мозокот ќе остави последици врз неговиот натамошен развој.

„Здравствената состојба на 14-месечното новороденче, кое на 7 јули е примено со сериозни повреди на главата, е релативно стабилизирана и не е на апарати за дишење“, изјави вчера Маја Мојсова, раководителка на КАРИЛ.

Таа посочи дека кога било донесено кај нив, лекарите направиле компјутерска томографија,  рендгенски снимки на коски и нашле повреди на мозокот, фрактури на черепот и на потколениците.

„Некои од повредите се од старо потекло. Донесено е во коматозна состојба. Направени се сите испитувања и проследена е терапијата. Доколку во наредните 48 часа има подобрување, бебето ќе биде префрлено на Детска хирургија. Веројатно се работи за повреди од човечка природа, така што детето било повредувано неколку пати“, рече Мојсова.

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) велат дека ги презеле потребните мерки.

„Обезбедувањето целосна грижа и заштита на детето е примарна обврска на Министерството во овој случај. Нашите служби се во постојана координација со МВР и Министерството за здравство. Со повеќе информации ќе излеземе по затворањето на истрагата“, соопштија од МТСП.

Повеќе информации за тоа кој го тепал бебето, не откриваат ни од обвинителството.

„Ве известуваме дека по дадени насоки од Основното јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи интензивно работи на утврдување на идентитетот на сторителот на кривичното дело, како  и на обезбедување релевантни докази кои ќе ги поткрепат случувањата на кривично-правниот настан“, велат оттаму.

Детето се бори за живот откако пред неколку дена во Ургентниот центар лекарска помош за него и за себе побарала мајката, и таа повредена. Таа имала полесни повреди и била однесена на распит во полиција, каде што неколку пати ги менувала изјавите. Детето имало скршеници на двете нозе, крвавење во мозокот и скршеница на челната коска. Се претпоставува дека и претходно било малтретирано, бидејќи скршениците на нозете се стари две до три недели.

(С.С.З.)