Бартол: Се надевам дека в година новото 30-то знаме ќе се вее пред НАТО


Шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје, морнаричкиот капетан Горазд Бартол во интервју за МИА изрази надеж дека следната година, кога Алијансата ќе одбележи 70 години од основањето, во седиштето на НАТО во Брисел ќе се вее и македонското знаме.
Словенечкиот капетан ја потенцира важноста од конечно решавање на спорот со Грција за името, како главна препрека на нашите евроатлантски интеграции. Верува дека граѓаните во земјата ќе излезат и ќе гласаат позитивно на претстојниот референдум, нагласувајќи оти тие треба да ја искористат оваа историска прилика за земјата.
– Во НАТО е договорено помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички работи и безбедносна политика, Алехандро Алваргонзалес да го предводи тимот на НАТО во пристапните разговори. За време на овие разговори, експертите на НАТО и претставници на вашата земја ќе дискутираат за тоа и ќе го потврдат интересот, волјата и способноста да се почитуваат политичките и воени обврски и посветеност за членство во НАТО, меѓу кои и ратификација на сите потребни меѓународни договори и протоколи. Паралелно со пристапните разговори, во рамки на континуираното учеството на вашата земја во Акцискиот план за членство, тимот на НАТО, исто така, со вашата Влада ќе ги разгледуваат специфичните прашања и реформи врз основа на кои ќе се очекува да се оствари прогрес пред и доколку е потребно и после пристапувањето со цел да се зајакне вашиот придонес кон Алијансата. Во врска со тоа колку долго ќе траат пристапните разговори со НАТО, можам да ги потврдам проценките на вашата Влада дека, исто така, и ние во НАТО планираме да ги завршиме за неколку месеци. Причината зошто поминавте толку многу циклуси од Акцискиот план за членство е политичка – бидејќи заемно прифатливо решение за прашањето за името не можеше да биде постигнато подолг период. Многу ми е мило дека со Договорот од Преспа и со негова имплементација, прашањето конечно ќе биде затворено – вели Бартол.
За тоа дали Македонија може да се приклучи на Алијансата кон средината на идната година, тој вели: „јас се надевам дека во 2019, годината кога НАТО ќе  одбележува 70 години од основањето, новото 30-то знаме, со стилизирано сонце на црвена основа ќе се вее пред седиштето на НАТО во Брисел“.
Бартол оценува дека спорот за името надвиснуваше над регионот премногу долго.
 
-Со оглед на огромната поддршка за НАТО во земјава, над 70 отсто, ги повикувам граѓаните јасно да го искажат своето мислење во голем број. Не само како претставник на НАТО, но и како Словенец, кој е се уште некако емотивно поврзан со вашата земја – цврсто верувам дека ќе ја искористите историската прилика, не само во интерес на сегашните генерации, туку и во интерест на идните. За жал, многу е јасно дека без финализација на договорот, која вклучува и промена на Уставот, вашата земја не може да стане членка на НАТО во скора иднина-кажа тој.