Барние: Лондон треба да понуди јасен план за одлагањето на Брегзит


Одолговлекувањето на разговорите за Брегзит ќе има „политичка и економска цена“ за Унијата, па затоа Лондон треба да понуди јасен план за тој процес, изјави денеска главниот преговарач на ЕУ за британското истапување од блокот, Мишел Барние.

Тој нагласи дека на претстојниот самит на ЕУ, на кој лидерите на земјите членки на Унијата треба да решаваат за евентуално одлагање на Брегзит за по 29 март, британската премиерка Тереза Меј ќе треба да образложи зошто одлагањето би помогнало во разговорите.

– Долгорочно одлагање треба да биде поврзано со нешто ново, со некој нов елемент, нов политички процес, изјави Барние, повикувајќи ја Меј да обезбеди поддршка во британскиот Парламент за Договорот за Брегзит.

Претходно денеска, портпарол на Дауниг стрит 10 соопшти дека Меј во текот на денешниот ден или утре ќе испрати писмо до претседателот на Европски совет, Доналд Туск во кое официјално ќе бара одлагање на Брегзит.

Меј се надева дека британскиот Парламент ќе го одобри нејзиниот план за Брегзит, како и условите поставени од ЕУ пред одржувањето на Самитот на Унија закажан за четврток и петок.

Британскиот Парламент во четвртокот се изјасни за одлагање на Брегзит. Врз основа на оваа Одлука, британската Влада треба да побара од ЕУ да биде одложено истапувањето на Велика Британија од Унијата за по претходно утврдениот рок – 29 март.

Со Одлуката се предвидува Брегзит да се одложи до 30 јуни, доколку Парламентот до утре го одобри Договорот за британското истапување од ЕУ, што лани во ноември го постигнаа Владата на Меј и Брисел. Доколку, пак, пратениците и по третпат не го одобрат Договорот, британската Влада ќе бара подолгорочно одлагање на Брегзит.

Секое пролонгирање на британското истапување треба да биде одобрено од сите останати 27 земји членки на ЕУ.