Барак Обама: „Што е многу – многу е“


 

Барак Обама во саботата се обрати на преполниот митинг на симпатизери на Демократската партија во Јужна Калифорнија и им рече дека е време да ги собујат папучите и да се фрлат на работа за да се осигураат дека партијата ќе го врати мнозинството во Претставничкиот дом по изборите во ноември.

Откако го сврти вниманието на себе со ревносниот говор во Илиноис ден претходно, во кој ги критикуваше поделеноста и презирот кон политиките во ерата на Трамп, поранешниот претседател на САД ги повика поддржувачите во клучните области во Калифорнија да се сплотат со независните и со разочараните републиканци за да го промовираат концептот за влада која ќе биде помалку цинична, а повеќе ќе одговара на барањата и потребите на гласачите и ќе им дава отчет.

„Не можам, а да не се чувствувам оптимистично“, рече Обама, „бидејќи ако го правите она што треба да го правите, ако сте активни, ангажирани, надежни, оптимистични, бестрашни и окуражени… Апсолутно сум убеден дека овие кандидати ќе победат. Апсолутно сум убеден дека Вашингтон ќе почне да работи подобро.“

Нападите на Обама наидоа на реакции од потпретседателот Мајк Пенс кој во интервју за „Фокс њуз“ рече дека е многу разочаран што претседателот Обама ја крши традицијата на претходните претседатели и станува толку политички инволвиран.

„Вистината е“, тврди Пенс, „дека американскиот народ во 2016 година ги одби политиките и насоките на Барак Обама со тоа што го избра Доналд Трамп за претседател.“

Појавувањето на Обама беше на настан во конвенцискиот центар „Анахајм“ на кој се присуствуваше само со покана, во непосредна близина на „Дизниленд“ и на половина час возење од четири приградски области што ги држат републиканците, а кои демократите одвај чекаат да ги освојат на претстојните избори среде претседателски мандат што треба да се одржат во ноември.

Обама се обрати пред симпатизерите и поддржувачите на кампањите за седум кандидати вкупно – секој од нив во трка за област каде што веќе има конгресмен републиканец кој ќе се бори за нов мандат, но каде што мнозинството гласачи гласале за Хилари Клинтон на претседателските избори, а не за Трамп.

„Влоговите се многу високи на овие избори“, рече Обама.

„Ако не го засилиме темпото, работите може да се влошат. Таму каде што има вакуум во нашата демократија, каде што не учествуваме, каде што не се подобруваме… други гласови ќе ја пополнат празнината“.

„Нема прашања што не можеме да ги решиме ако работиме заедно и ако останеме верни на традициите што се покажале најдобри во Америка“. Народот вели, што е многу – многу е, ќе ги собуеме папучите и ги ставаме чевлите за марширање“, рече тој

Демократските оперативци сметаат дека треба да победат во најмалку четири од седумте трки застапени во митингот, ако сакаат да имаат шанса да освојат предност од 23 места што им е потребна за да ја вратат контролата врз Претставничкиот дом.

Победата на овие седум кандидати се чини прилично возможна; ако навистина добро се покажат, демократите може да освојат и до три или четири места плус во Златната Држава која моментално е повеќе наклонета кон републиканците. (Гардијан)