Балетска премиера во МОБ: Преку „Либертанго“ ќе се раскаже животот на Пјацола


Македонската опера и балет в четврток премиерно ќе ја изведе претставата „Либертанго“ на музика на Астор Пјацола, која ќе ја раскаже животната приказна на овој композитор и почетоците на тангото во неговата родна Аргентина во втората деценија на 20 век.

Приказната го следи патот на италијанското семејство Пјацола – неговите родители Висенте и Асунта на кои оваа јужноамериканска земја им дала надеж за подобар живот како и на многу други италијански емигранти. Од Балетот најавија едночасовна танго-претстава изведена на балетски начин, во која танчарите ќе играат на снимена музика и ќе има неколку балади.

– Претставата има неокласичен стил и израз бидејќи работиме танго претстава, а не го изоставивме нашето основно средство – шпиц-патиките. Така што, ова е еден танго-балет. Приказната ги прикажува неговите родители, самиот Пјацола како дете и веќе како остарен, неговата идеја да биде тоа што бил, да се занимава со таа музика, за на крај да завршиме со неговото познато „Либертанго“ или танго на слободата – рече на прес-конференција Олга Панго, раководител на Балетот на МОБ.

Авторката на либретото и режисерка на претставата Наташа Поплавска истакна дека и пред ангажманот за оваа претстава го проучувала овој танц на страста кој, рече, го создале три народи – Аргентинците, Шпанците и Италијанците. Претставата ќе го покаже сериозно и емотивно патот на создавањето на тангото, рече Поплавска додавајќи дека свесно избегнале кафеанско танго, туку тоа ќе биде танго нуово – сплет на класика, џез и фолк-музика каква што се свири на улиците низ Аргентина.

Кореографијата е на Сабрина Боско од Италија која е задоволна што првпат Либертанго се поставува од компанија што не е италијанска и што, рече, се соочува со друг идентитет.

– Имав можност да добијам чувство за играчите, не само од технички аспект и материјал за работа, туку и да се доближам до нивните карактери. Претставата е резултат на голема тимска работа. Би сакала да го пренесам чувството што публиката вистински ќе го доживее за Либертангото и важно ми е нивната реакција како емоција – рече Боско.
Комплетната слика за тангото ќе ја доловат и костимите изработени од Александар Ношпал, кој овој пат е автор и на сценографијата, како и светло-дизајнот на Милчо Александров.

Ликот на композиторот Пјацола во три животни периоди – дете, млад и стар ќе го играат Марко Здравковски, Симоне Џиролети и Драган Кочовски. Во улога на неговите родители Асунта и Висенте ќе настапат Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили, а тројца познати аргентински танчари ќе ги играат: Мими Поп Алексова-Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска и Марија Јосифовска-Ристовска. Ќе учествуваат триесетина балетски играчи во улоги на танго-танчари и танчарки, италијански емигрантски фамилии. По премиерата в четврток, „Либертанго“ во МОБ репризно ќе биде изведена на 16 јуни.