Балетот на мраз „Заспаната убавица“ со две претстави во Скопје


Поради голем интерес, Државниот балет на мраз од Санкт Петербург со две претстави на „Заспаната убавица“ од Петар И. Чајковски ќе гостува на 1. декември, на сцената на Македонската Опера и Балет. Едната ќе биде во 19 часот, а втората, истата вечер, во 21, 30 часот. Станува збор за балетски спектакл на мраз што Државниот балет од Санкт Петербург го изедува на речиси сите светски балетски и оперски сцени. Во Македонија ги носи „Прагма продукција“.

Државниот балет на мраз од Санкт Петербург е основан во 1967 година од извонредниот кореограф Константин Бојарски и претставува успешно продолжение на традиционалната руска школа за класичен балет. Бојарски бил поранешен солист на светски познатиот балет „Марински“ и школски другар на славниот Рудолф Нуреев. Играл со Михаил Баришњков и Наталија Макарова. Музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин, познат руски диригент.

Во балетската компанија има повеќе од дваесет танчари што имаат титули во уметничко лизгање. Од 1995 година балетот на мраз од Санкт Петербург игра и на сцените на светските оперски и балетски куќи. На нивниот репертоар се познатите балети на Петар И. Чајковски – „Заспаната убавица“, „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, како и балетите „Ромео и Јулија“ и „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев.