Баланс-МК: Агенцијата за лекови да одговори кој и како ги проверувал инсулинот и глукомерите


Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија- Баланс МК, категорично ги отфрла како несериозни, неиздржани и штетни наводите изнесени од страна на Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) околу двете најгорливи теми по здравјето на лицата со дијабетес: квалитетот на инсулините и квалитетот на глукометрите. Ова е реакцијата од Здружението, откако од Агенцијата за лекови одговорија на прашањата на „Независен весник“ за тоа како постапуваат по пријавите за глукомерите и за инсулинот што го користат дијабетичарите. Одговорите можете да ги прочитате тука.

„Од оваа инаку според статутот и ингеренциите -институција – задолжена за грижа за јавното здравје, велат дека по поплаките, односно пријавите за сомнителниот квалитет на инсулините што државата ги набавува за лицата со дијабетес во Република Македонија, наводно биле направени проверки во “овластени лаборатории“ и било констатирано дека – цитираме: “истите не покажаа отстапување од спецификацијата за квалитет на лекот!“Поради грубата и од огромни димензии лага изречена во цитираниот навод, должни сме да укажеме еден ноторен факт: во претходната тендерска постапка за набавка на инсулините и глукометрите (како и во таа пред неа) од така наречениот паралелен увоз или по народски познат како “шверц-комерц кому иде увоз на лекови“ – НЕ ПОСТОИ критериум за квалитет, односно сертификат за квалитет на добавуваниот лек – нешто што во цивилизираниот свет е “нон сенс” за било кој лек, а не пак за хормон за хронично болни кој бара специфичен начин на транспорт и чување, туку единствениот критериум по кој се постапуваше по тој “шверц-комерц увоз” беше најниската цена“, соопштија од Балнас-МК.

Од здружението посочуваат дека во Македонија не пости релевантна лабораторија за проверка на инсулините па нужно е да се посочи каде, кој и како ги проверувал инсулините.

„Дотолку повеќе што сме убедени дека ниту еден граѓанин и уште помалку лице со дијабетес т1 кое е дневно на миниум пет инјекции инсулин, никогаш повеќе нема да си дозволи луксуз да прифати какви било на “жими мајка“ аргументи и изјави. Па кога се однесуваат тие и на глукометрите, од каде почнува основата за самоконтрола на дијабетесот (мериш гликемија, согласно нивотото на шеќер во крвта – инјектираш инсулин). И што е можеби и најважно а гледаме МАЛМЕД како да се прават наудрени: токму поради криминалната фаличност на претходното нормативно решение за “паралелен увоз на лекови“, актуелното раководство на здравствениот сектор реши овој Закон да претрпи големи промени, дополнително проследено со аргументирани укажувањето на пациентите и здруженијата. Патем ја информира јавноста дека МАЛМЕД е должен да одговори и како, кој и врз основа на кои стандарди ги проверувал постоечките глукомери што државата ги дистрибуира до корисниците. Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – Баланс МК изразува отворен сомнеж и по однос на валидноста и на изјавата за “направената контрола на глукомерите“, односно констатираната исправност. Тоа може да се види од фотографиите и видеото направено од наши членови“, пишува во соопштението.