(Видео) „Ај кју“ се најлошо облечени учесници на Евросонг 2018


Португалија–  „Ај кју“, годинешниот македонски претставник на Евросонг во Лисабон, Португалија се прогласени за најлошо облечени учесници на настанот. Станува збор за наградата Барбара Декс, која што уште од 1993 година им се доделува на најлошо облечените учесници на Евровизија. Наградата го носи името според белгиската претставничка на Евровизија за 1993 година, Барбара Декс, која што тогаш го шокираше светотот со фустанот кој сама го креирала за настапот.

Веднаш по Македонија, како најлошо облечени претставници оваа година се рангирани музичарите од Австралија и Белгија.

Ова не е прв пат нашата земја да се закити со БДА. Во 2005 година, истата титула ја доби и тогашниот претставник на Евровизија, Мартин Вучиќ. И тој, како и Марија годинава, настапи во сако со розева боја.

Дизајнер на групата „Ај кју’’ за Евровизија беше креаторот Алек Билбилоски од Охрид. По критиките на социјалните мрежи на сметка на гардеробата на нашите претставници, тој се огласи на својот Фејсбук профил и порача дека си го остварил сонот.

-До сите хејтери, не бевте ниту пак ќе бидете на ваков настан, да видете што се случува. Не сте вредни за моето време, најдете си живот, негативноста убива – порача дизајнерот на официјално најлошиот стајлинг на Евровизија.

Бендот не се пласираше во финалето и според официјалните резултати се најдоа на претпоследно место на првата полуфинална вечер.