Ајде да пишуваме Македонија без наводници
Тимиос Цалас
Пред два месеца нарачав кафе во кафетеријата на Долниот дом. Девојката што го правеше кафето ме праша од каде сум, бидејќи мојот акцент ѝ звучел познато. Кога одговорив дека сум од Грција, таа се насмевна велејќи дека така и мислела, бидејќи и самата таа е од Македонија. Ѝ реков дека поминав низ нејзината земја додека патував кон Србија. Кога дојде време да платам, таа не ми зеде пари: „Кафето е од мене бидејќи Вие сте првиот Грк што сум го слушнала да каже ‘Македонија’“.
Додека го раскажувам овој инцидент, обземен сум од сомнежи за тоа дали треба да го правам тоа. Се плашам, прво дека се опишувам себеси како извонредно слободоумен либерал што ги повикува оние мои сонародници што се навредени затоа што соседната земја го користи името Македонија да се опуштат. Исто така, се плашам дека некои Грци ќе ме сметаат за предавник. И на крај, за неколку моменти се чувствував како идиот што го разменува семејното сребро за едно кафе-лате.
Знам многу луѓе што мислат како мене. Јас немам пријатели во Грција што велат „Македонија“ кога зборуваат за Македонија. Немам колеги што можат да го запишат тоа име без да го стават во наводници, дури ни онакви на кои не им е гајле за прашањето за името. Односно, онакви што навистина заборавиле, не за десет години, како што предвиде еднаш премиерот Константинос Мицотакис, туку за десет минути.
Во 1991 година Грците со масовни демонстрации и активно дипломатско маневрирање, на соседната земја, која штотуку стекна независност од поранешна Југославија, ѝ го одзедоа правото да се нарекува Македонија. Грчкиот аргумент беше дека еден регион во самата Грција го има истото име и дека поранешната југословенска Македонија ќе го бара него. Прашањето останува нерешено до ден-денес. Се разбира, целата оваа афера за името на Македонија е завршена. Преовладеа двојното именување. Целиот свет ја нарекува земјата Македонија, а Грција ја нарекува Скопје. Ако Скопје како национална ознака не постои во странство, тоа важи и за Македонија во рамките на Грција. Интензивната дипломатска активност од последниве денови и средбата меѓу премиерите на Грција и Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, во Давос ги зголемија очекувањата дека прашањето може формално да се реши по 27 години. Македонија конечно може да добие редовна, формална ознака што ќе ја користат меѓународните организации, можеби нова Македонија или северна Македонија , што ќе ја разликува од грчката Македонија и така ќе ги смири Грците. Сепак, овој зрак на надеж, или решение ерга омнес, како што сака да каже грчката страна, навистина не е во интерес на никој друг. Никој, никаде, нема да го користи новото име.
Кој е во право? Остатокот од планетата е во право, Грција не е. Не е можно да нарекувате една земја со името на нејзиниот главен град ниту, пак, да бараме трета земја да ја нарекува како што би сакале ние. Никој ни во Грција не верува сериозно во приказната за иредентистичките аспирации на Македонија, па не може ни од некого во Британија да бараме да верува во тоа. Како една од најсиромашните земји во Европа, со сериозни проблеми со националните малцинства, земја што желно сака да влезе во НАТО, би претставувала закана за една земја која е петпати поголема и исто толку помоќна од неа?
Затоа, оние од нас што немаат никаков проблем со ова, може да престанат да се однесуваат како службеници на министерството за надворешни работи на Грција, да престанат да ја ставаат Македонија во наводници во нашите списи или да престанат да користат акроними што го преплетуваат јазикот: ПГДМ (ФИРОМ) е невокалната ознака што Грција привремено ја прифати. Ајде земјата да ја нарекуваме Скопје во Грција за да не завршиме со помодрено око, а Македонија кога сме во странство, за луѓето да не мислат дека сме идиоти. Бидејќи целиот свет не само што ја нарекува Македонија, туку смета дека Грците се луди во својата истрајност дека таа мора да се нарекува некако поинаку – особено затоа што ние ниеднаш во изминатите триесет години не сме ни објасниле како би требало таа да се нарекува.