Ахмети ќе чека да се спроведе договорот, па ќе решава дали да се повлече


 

Централниот одбор на Демократската унија за интеграција на вчерашната седница, што се одржала во Скопје, едногласно донел одлука за пролонгирање на петиот конгрес, соопштија од партијата.

Членовите на ЦО на ДУИ  оцениле дека сите свои капацитети оваа година партијата ги посветила на јазичната рамноправност, итните реформи, договорот за добрососедство со Бугарија, преспанскиот договор, добивањето на поканата за членство во НАТО и датумот за почеток на преговорите со ЕУ.

– Заокружувањето на овој процес со успешното одржување на референдумот и уставните измени е од приоритетна апсолутна важност за ДУИ и за граѓаните. По успешното заокружување на овие обврски и очекувањата на граѓаните, ЦО на ДУИ  повторно ќе одржи состанок за да донесе одлука за одржување на конгресот и да изготви стратегија за градење на партијата и за следните две децении, наведуваат од ДУИ.

Во мај годинава беше најавено дека конгресот на ДУИ ќе се одржи во текот на летото. Тогаш се појавија и информации за можно повлекување на Али Ахмети од лидерската позиција во партијата, на чие чело е уште од формирањето во 2002 година. Според одредени информации, пак, Ахмети најавил повлекување од кормилото по приемот на Македонија во НАТО.