Ахмети: Да гласаме масовно за подобра иднина


Под мотото „Заедно за европска Македонија“, Демократската унија за интеграција вечерва во Дебар одржа средба со граѓани во рамки на кампањата за референдумот што ќе се одржи на 30 септември.

– Се наоѓаме во многу деликатно време, треба да направиме потребни анализи за да на 30 септември не бидеме губитници туку победници. Треба сите храбро да работиме и на 30 септември масовно да излеземе и да го дадеме својот глас „за“, бидејќи гласаме за мир, стабилност, безбедност, подобри меѓуетнички односи, економски развој, подобра иднина за сите, порача пред дебрани лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Овој референдум, посочи Ахмети, е обединувачки за Македонците и Албанците затоа што по првпат имаат заедничка кауза, а тоа е членството во ЕУ и НАТО.

– Со договорот не се губи идентитетот, ни државноста, ни јазикот. И Албанците не го губат идентитетот, како што некој сака да прикаже. Напротив, со зачленувањето во НАТО и ЕУ нашата држава се засилува, идентитетот се зацврстува додека надвор од НАТО и ЕУ оваа држава не ни може да преживее. Ова е историски миг, затоа што се одлучува за нашата иднина. Затоа ве повикувам да им речеме „не“ на оние кои не и го посакуваат доброто на Македонија, рече Ахмети.

Пред присутните на собирот во Дебар зборуваше и градоначалникот на општина Дебар Ружди Љата, кој порача дека ова е многу значаен историски миг и оти со едно заокружување на „за“ одлучуваме за нашата и подобрата иднина на нашите поколенија.

Шефот на штабот на дебарскиот огранок на ДУИ за референдумот Рамадан Имери, 30 септември го оцени како историски миг кој треба да го подржиме. Нашата заедничка иднина, рече тој, е во Европа а членството и во НАТО гарантира мир, економски развој и социјална сигурност. Со нашето масовно излегување и подршка на референдумот, рече Имери, нашите идеали ќе станат реалност.

На собирот присуствуваа и министрите за образование и наука, Арбр Адеми, за економија Крешник Бектеши, замници министри и други високи функционери на ДУИ.