Атина: Судири меѓу демонстрантите и полицијата пред најавениот голем протест
Помали групи млади луѓе денеска се судрија со грчката полиција пред почетокот на демонстрациите за одбележување на деветгодишнината кога полицајци убија тинејџер што ги предизвика најтешките нереди во Грција во последните десетици години.
Групи млади фрлаа сигнални ракети врз полициските единици за борба со нереди, кои одговорија со употреба на солзавец.
Судирите се случија пред студентските демонстрации во центарот на Атина, кои се планирани за денеска попладне. Друг протест на претежно анархисткчки групи е закажан за вечерва.
Во центарот на Атина се распоредени околу две илјади полицајци за демонстрациите по повод смртта на 15-годишниот Алексис Григоропулос, кој во 2008 година беше застрелан од полицијата додека бил излезен со пријатели во населба во центарот на Атина, која е популарна меѓу анархистите.