Асоцијацијата на земјоделци против изградбата на рудниците во југоисточна Македонија


Асоцијацијата на земјоделци безрезервно ги поддржува земјоделците од југоисточна Македонија против изградбата на рудниците. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев на денешната прес-конференција истакна дека во овој регион нема ниту еден загдаувач, кој би влијаел врз загадувањето на животната средина, но и на земјоделското производство.

Тој забележува дека затоа и земјоделските производи од овој регион се познати по својот квалитет и се барани низ цела Европа.

– Со изградување на рудниците во тој крај најголем дел од земјоделските површини ќе бидат уништени и голем дел од населението кое се занимава со земјоделство ќе пропадне и ќе нема за гола егзистенција. Со некои производи кои успеваат само во тој крај и со кој се гордееме и во кој е вложен голем труд со векови, како на пример маслинката, калинката, смоквата, јапонското јаболко ќе бидат уништени за неколку години, рече Шаклев.

Тој истакна дека Асоцијациајта на земјоделци го повикува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски да ја употреби целата своја сила и енергија за да им објасни и да ги убеди останатите министри во Владата дека отворањето на рудниците е штетно за македонското земјоделство.

– Македонија е земјоделска земја, иднината е во производството на храна и треба Владата да се заложи за зголемување на земјоделското производство, за унапредување, модернизирање, осовременување, а не за негово уништување. Ако се донесе погрешна одлука, тогаш нема да биде ништо чудно, ако за неколку години југоисточна Македонија биде иселена, посочи Шаклев.