Архивскиот материјал во Државниот архив не е оштетен, покажал увидот на комисијата


Архивскиот материјал во зградата на Државниот архив не е оштетен, утврдила комисија составена од претставници од Влада на РМ, Архив на РМ и Јавното обвинителство, соопшти вечерва владината прес-служба.

Увидот е извршен на барање на министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, а во него учествувале и секретарот на Јавното обвинителство, Митко Митревски и заменик директорот на Државен Архив, Музафер Бислими со својот стручен тим.

Комисијата, стои во соопштението, констатирала дека дел од архивскиот материјал од прва категорија, од најголемо национално и историско значење, освен во просториите на новото, се наоѓа и во старото депо.

– За време на увидот е констатирано дека во новата зграда на архивот архивскиот материјал не е оштетен од неодамнешните поплавувања на објектот, ниту пак директно е загрозен и оти е целосно заштитен во непропустливи метални сефови, се вели во соопштението.

Од увидот е заклучено и дека има потреба да се направи дополнителна проценка на состојбата на микрофилмуваниот архивски материјал, со цел да се утврди дали има потреба од негово преместување во старото депо.

Констатирано е дека е потребна итна санација на  покривот на зградата, со што ќе се спречат понатамошни поплавувања на објектот.

Од Владата го повторуваат ставот дека наскоро ќе се донесе конечна одлука во насока на трајно решение околу наследената ситуација со зградата на Архивот и нејзината комплетна нефункционалност.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на почетокот на неделава најави наскоро решение за просторниот проблем со Државниот архив што се соочува со несоодветни услови за чување на архивскиот материјал откако беше преселен во објектот на Археолошкиот музеј покрај Вардар.

Со неодамнешното поплавување од дождовите беа зафатени  шестиот и седмиот кат од зградата каде се сместени и Археолошкиот музеј и Уставниот суд.  Беа прокиснати и таваните во административниот дел од Државниот архив.

Во 2016 година Архивот не работеше во неколку наврати поради поплавување на подрумските простории и на окната на лифтот.