Армијата веќе не дава два слободни дена за дежурство


Ситуацијата во армијата не е розова, призна министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Таа вели дека една деценија не се вложувало во неа поради што не е можно за ова кусо време, колку што е на чело во Министерството, работите да се променат за сто проценти. Но ќе биде подобро, ветува министерката.
Униформи стари неколку години, немање редовен превоз до касарните и неплаќањето дневници за дежурства се главните проблеми со кои се соочуваат професионалните војници. Тие се жалат дека никој од надлежните нема слух за нивните апели.
Има многу работи што треба да се средат, а ние почнавме од личните, односно од оние што го диктираат животниот стандард: платите и условите за работа. Потоа, од први јули воведовме нова практика, а тоа е конечно да им бидат исплаќани дневници на војниците што ќе имаат еднодневно дежурство. Досега, практиката била да не им се исплаќаат пари, туку да им се дадат два слободни дена. Така веќе не може. Во врска со превозот, не функционираат само пет релации, и тоа од причина што фирмите што учествуваа на тендерот поставија високи цени што Генералштабот не можеше да ги прифати. Ќе го повториме огласот. Некои компании веројатно сакаат да нè уценат. Другите четириесетина релации се покриени“, појаснува министерката.
Во Независниот синдикат на професионалните војници потврдуваат дека платите се покачени за десет проценти, но алармираат дека одредени возни линии не се со задоволувачки квалитет, други се укинати, па војниците самите се снаоѓаат. До некои касарни воопшто нема превоз. Се случува да добијат расипана храна, а новите униформи и чизми допрва треба да ги добијат. Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали тендерот за набавка над 14.000 униформи е поништен за да се отвори пат на фирма блиска до власта да добие спогодба во четири очи во висина од 750.000 евра. Како нарачано им дојде и признанието на министерката Шекеринска, која пред неколку дена соопшти дека Министерството за одбрана ќе префрли еден милион евра од сопствениот буџет за потребите на владата во кампањата за референдумот за името.
Тие пари немаат врска со армијата. Да, ги дава Министерството за одбрана, но ниту еден денар што беше наменет за армијата нема да биде одземен. Најновиот тендер за набавка на неборбени возила и инженериски машини, кои многу ќе го зголемат капацитетот на армијата, особено за поддршка на цивилните институции се јасен показател за сериозноста во намерите на Министерството и на Владата. До крајот на септември ќе го завршиме ремонтот на хеликоптерите. Другата година ќе продолжиме со модернизацијата“, децидна е шефицата на Министерството за одбрана.
Таа не знае како Владата ќе ги потроши парите бидејќи вели: „не е наша работа, а згора на тоа ги даваме и во Собранието“, но уверена е оти донеле исправна одлука, затоа што членството во НАТО и во ЕУ е врвен интерес на државата. Да било нешто за криење или срамотно, немало ни да објават, но самото тоа што први соопштиле колку од своите средства ќе пренаменат за референдумот е доказ оти станува збор за транспарентната постапка. Во редовен контакт е со другите министри во Владата, но не ги прашала дали и колку ќе донираат министерствата што ги предводат. Сите детали ќе биле познати на владината седница в реда.
Инаку, вчера во просториите на Стопанската комора беше организирана средба меѓу претставниците на Министерството за одбрана и повеќе компании, кои се заинтересирани да се јават на актуелните и следните тендери. Преку технички дијалог, фирмите имаат можност да дадат забелешки за најавената јавна набавка за неборбени моторни возила и на инженериски машини за потребите на министерството.
Техничкиот дијалог не го водиме про форма и ги охрабривме компаниите ако имаат забелешки да ги достават бидејќи навистина ќе бидат земени предвид. Сакаме да обезбедиме чесна, транспарентна и многу конкурентна постапка која ќе им даде шанса на најдобрите да победат, а Министерството за одбрана да ја добие подобрата опрема по подобри цени“, тврдат во МО.
Директорката во Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева-Ѓуриќ, појасни дека преку овој технички дијалог компаниите ќе можат да дадат забелешки каде конкретно и детално ќе се прецизира што треба да се подготви во документацијата за спроведување на квалитетна набавка.
Нашата идеја е на ваков начин што поголем број економски оператори да пројават интерес и да учествуваат во овие тендери на Министерството за одбрана“, истакна Пеева.
Договорите што ќе бидат склучени за овие две јавни набавки ќе бидат за период од три години и се содржани во Планот за јавни набавки за оваа година. Се прават обиди и другите министерства да ја прифатат ваквата пракса.
Горан Адамовски