Арктички воздух ќе ни го расипе топлото време


Топлото септемвриско време наскоро ќе заврши и веќе следната недела Европа ќе ја зафати бран студен воздух од Арктикот кога температурите драстично ќе паднат. Како што јавува метеопорталот „Севери ведер Јуроп“ (Severе Weather Europe), следната недела од север над Европа ќе дојде до силен продор на воздушна маса од Арктикот кој ќе се прошири над голем дел од Европа. Натпросечно високите температури ќе завршат по два студени продора од север.

Првиот и послаб продор на студен воздух пристигнува овој викенд, а вториот, поинтензивен продор би требало да се случи во понеделник или вторник, при што маса многу студен воздух ќе допре се до јужниот Медитеран, па дури и до северна Африка.

Моменталната метеоролошка ситуација над Европа ќе почне да се менува утре, кога студен арктички воздух ќе почне да се пробива над северниот и западниот дел на континентот. Студен воздух ќе се шири зад студениот фронт од Атлантикот кон централна Европа, додека топлиот воздух ќе се поместува кон крајниот север, кон Скандинавија и североисток.

Над Атлантикот наскоро ќе се формира нов бран студен воздух, а тогаш ќе се создаде „канал“ кон север кој ќе овозможи силен продор на арктички воздух кон континентална Европа. Над континентот до вторник ќе се развие бран студен воздух, па така арктичкиот фронт ќе се прошири преку централна Европа до Балканот и Медитеранот, наведува „Севери ведер Јуроп“. Арктичкиот бран ќе предизвика драстичен пад на температурите.