Арета Френклин не оставила тестамент


САД- Легендата на соул музиката Арета Френклин не оставила тестамент, а оставила зад себе богатство од 80 милиони долари. Според адвокатот на пејачката, парите подеднакво ќе бидат поделени меѓу нејзините четири деца.

Френклин ќе биде погребана во својот роден град Детроит на 31 август. Погребот ќе биде затворен за јавноста. Ќе присуствуваат само членови на семејството и пријатели на „кралицата на соулот“. Френклин ќе биде погребана покрај нејзиниот татко, сестри и брат.

Славната пејачка почина на 16 август во својот дом во Детроит од рак на панкреас. Имаше 76 години. Таа има настапено на инаугурациите за тројца американски претседатели, но беше позната и како влијателен борец за човекови права. Во заедничото соопштение од Бил и Хилари Клинтон се вели „таа повеќе од 50 години ја галеше нашата душа“. Барак Обама изјави дека музиката на Френклин помогна да се „дефинира американското искуство“.

Во заедничката изјава, пак, од Мишел и Барак Обама, се вели „ во нејзиниот глас можевме да ја почувствуваме нашата историја, целосно и со сите нијанси, нашата сила и нашата болка, нашата темнина и светлост. Таа ни помогна да се чувствуваме поврзани едни со други, да се надеваме, да бидеме похумани. Понекогаш ни помагаше и да заборавиме на се друго, и само да танцуваме“.

Актуелниот претседател Доналд Трамп, на Твитер напиша дека Френклин„ беше одлична жена, со прекрасна дараба од Господ, нејзиниот глас“.

Френклин ќе остане запаметена по нејзините хитови, меѓу кои и „Respect“ и „I Say А Little Prayer“ . Во текот на 7-децениската кариера има добиено 18 награди „Греми“, а нејзините изведби беа 17 пати број 1 на американската топ листа.

Во 2010 години дозна дека боледува од рак, а минатата година сосема се повлече од музиката.