Арда Туран доби суспензија од 16 натпревари
Турскиот репрезентативец Арда Туран доби суспензија од 16 натпревари поради инцидентот што го направи на натпреварот помеѓу Башакшехир и Сиваспор.
Туран, кој сега настапува за истанбулскиот клуб Башакшехир, е дојден како позајмица од Барселона.
Инцидентот се случи во судиското продолжение на натпреварот што заврши со реми од 1:1, откако фаворитот за титулата Башакшехир во 92. минута си постигна автогол.
Потоа, видно нервозниот Туран не можеше да се смири при една одлука на помошникот судија и го оттурна, по што доби црвен картон.
Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Турција освен со суспензијата од 16 натпревари, на фудбалерот му одреди и парична казна од 8.000 евра.
Доколку Туран и следната сезона продолжи да игра во татковината, тогаш ќе пропушти една третина од домашното првенство поради суспензијата.