Апостолска: Наскоро договори со четири-пет компании за инвестиции во Македонија


Во последните месеци има интензивен интерес за инвестирање во земјава и од странски и од домашни компании, а во многу скоро време ќе следи етабилирање на инвеститори со потпишување на договори, најави денеска министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска и посочи дека веќе е потпишан договор со турската компанија Чагатај кабло.

– Политичката криза е надмината, но последиците се уште се чуствуваат. Во секој случај, намалувањето на странските инвестиции не можеме да го гледаме од статистички аспект, како што го анализира НБРМ. Неколку преговори со заинтересирани компании за инвестирање се во тек и за два до три месеци треба да се очекува потпишување договори за нови инвестиции со четири до пет компании од областа на автомобилдката, медицинската и прехранбената индустрија, изјави Апостолска во одговор на прашање на паузата на конференцијата на Иницијативата за размена на претприемничко учење за одржливост на малите и средни претпријатија.

Таа посочи дека инвестициската политика што сега ја промовира Владата е транспарентна и ги елиминира преговорите во четири очи и секој инвеститор однапред знае што може да очекува како поддршка од државата доколу исполни определени услови.

Нејзиниот колега Зоран Шапуриќ, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, потенцира дека мерките на Владата одат кон изедначување на домашните со странските инвеститори.

– Погрешна е перцепцијата дека Владата не е заинтересирана за странски инвестиции. Напротив заинтересирана е за странски, но и за домашни инвеститори, бидејќи без домашно производство не можеме да опстаниме и како мала земја мора да имаме извоз. Мерките што ги нуди Владата се однесуваат и за домашни и за странски инвеситори и веќе од март по доставување на завршната сметка сите компании што инвестирале ќе имаат право на одредени средства. Некои привични симулации покажуваат дека некои од странските инвеститотри ќе имаат поголеми субвенции од претходно, изјави Шапуриќ и додаде дека крајниот ефект на мерките ќе се види во 2019 година.

Посочи дека е убеден оти ќе се оствари проектираниот раст од 3,2 отсто за годинава и нагласи дека според оценката на бизнисмените бизнис климата полека се подобрува, а тоа го потврди и претседателот на Македонско-бургарската стопанска комора Зоре Темелковски.

– Во наредниот период очекуваме резултати за да видиме дали има ефект од се ова што го промовира Владата во својата програма. Не сакаме бизнис заедницата да биде логистика на владите, туку партнер. Минатото покажа дека резултатите се никакви кога даваме поддршки без анализи. Затоа бизнис заедницата направи еснафско видување и наскоро ќе испадне со свои ставови за проблемите кои не тиштат и за кои сметаме дека треба брзо реализирање, рече Темелковски.

Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија Антони Пешев посочи дека политичката криза во земјава веќе многу долго трае и додаде дека нивните членки се сериозно загрижени за она што се случува во овој период.

– Денеска бев фрапиран што Македонија ја нема на индексот за конкурентност што го изработува Светскиот економски форум. Зашто не знам, дали е поради недостаток на информации или поради недостаток на стратегија. И кога сме лоши и кога сме добри треба да знаеме кои се проблемите, рече Пешев.

Тој додаде дека македонската економија е исклучително жилава и одржливоста е задоволнителна.