Апел до жителите на Делчево да внимаваат при палење стрништа


Поради зголемена опасност од појава на шумски пожари, од Дирекцијата за заштита и спасување во Делчево апелираат до граѓаните за поголема внимателност при престој на отворен простор и палење стрништа. Како што истакна Сузана Велковска од Дирекцијата за заштита и спасување во Делчево, потребно е граѓаните да внимаваат со цел да се превенира појава на шумски пожари кои резултираат со огромни непоправливи штети.

– Согласно Законот за заштита и спасување и Законот за шумите, се преземаат мерки и активности за превентивно делување во врска со заштитата од можни шумски пожари и други пожари на отворен простор во наредниот период. За поуспешна заштита од настанување на евентуални пожари, се известуваат граѓаните дека со зголемувањето на надворешните температури и настапување на сушниот период, е зголемена опасноста од настанување на шумски пожари и други пожари на отворен простор и ваквата состојба наложува потреба од поголема будност и мобилност на сите граѓани и субјекти во заштитата од пожари, истакна Велковска.

Таа додаде дека се неопходни мерки за намалување на опасноста од настанување на шумски и други пожари на отворен простор.

– Посебно ги предупредуваме граѓаните да не се пали оган на отворен простор и на необезбедени места, да не се палат стрништа, меѓи и други површини, да не се фрлаат шишиња и друга стаклена амбалажа и одпад, да не се врши палење на отпад и друг запалив материјал, да не се фрлаат остатоци од цигари на отворен простор, потенцираше Велковска.                    

Во последниве 13 години на територијата на Општина Делчево, а според Центарот за управување со кризи, само од пожари е евидентирана штета од 1 милијарда и 600 милиони денари. Териоријата на Делчево под шума има 24 илјади хектари со загрозеност од прв степен.