Апелот на Заев до бизнисмените неприфатлив за МОСТ


Според извешттајот на МОСТ за периодот 3-16 септември, единствениот субјект кој има интензивни активности на терен е коалицијата „Заедно за европска Македонија“. Забележани се главно директни средби со граѓаните и повисок интензитет на т.н. кампања врата до врата. Забележан е и значително помал процент на активности на субјекти кои пропагираат граѓаните да не гласаат на референдумот. Во исто време, меѓународни и домашни организации и останати субјекти одржуваат информативни дебати и трибини. МОСТ цени дека овие информативни активности придонесуваат за зголемување на нивото на знаење и информираност на граѓаните.

Според МОСТ, апелот на премиерот Зоран Заев до бизнисмените, финансиски да ги мотивираат вработените во нивните компании да гласаат, е неетички потег кој не треба да биде дел од еден ваков важен процес. Ваквото однесување поставува преседан кој во иднина може да стане составен дел од кампањите и однесувањето на политичарите.

-За поздравување е воведувањето на веб-алатката од Министерството за информатичко општество и администрација која овозможува пријавување притисоци во администрацијата. Особено позитивно е што алатката овозможува анонимно пријавување, што уште повеќе треба да ги охрабри вработените во администрацијата да пријават евентуални притисоци. Во текот на набљудуваниот период не бил пријавен ниту еден случај на оваа веб-алатка, се вели во извештајот на МОСТ.

МОСТ ја набљудуваше и постапката за дополнување на составот на избирачките одбори во 73 општински изборни комисии.

-Треба да се нотира дека истата заврши неколку дена по законски предвидениот рок. За првпат изборот не се вршеше паралелно за повеќе општински изборни комисии одеднаш, туку поединечно, што придонесе за зголемување на транспарентноста и можноста за набљудување и контрола на процесот. Генерален заклучок од набљудувањето е дека базата на службеници во администрацијата содржи неажурирани податоци кои го отежнуваат случајниот избор на членови на избирачките одбори. Дополнително се отвора дилемата дали одредени професии како што се на пример лекарите и останатите здравствени работници, коишто не се дел од администрацијата во потесна смисла на зборот, треба да бидат дел од базата од која се избираат членовите на изборните органи. Оттука, МОСТ препорачува да се подобри софтверот и базата за избор на членови на изборните органи, како и да се преиспита начинот на избор и составот на изборните органи. МОСТ ги охрабрува сите граѓани да се информираат за секој аспект од референдумот, активно да се вклучат во носењето одлуки и својот глас да го дадат согласно нивното лично уверување и волја. Секаков притисок, уцена или заплашување на граѓаните се спротивни на демократските вредности и принципи, велат од МОСТ.

МОСТ ги охрабрува граѓаните да пријават какви било притисоци или нерегуларности на бесплатната телефонска линија 080-080-080.