Апелација може да одлучува за Груевски до недоглед


Една седмица откако заврши јавната седница, Апелацискиот суд уште не одлучил дали поранешниот премиер Никола Груевски, кој за набавката на луксузниот мерцедес е осуден на две години затвор, ќе заврши зад решетки, предметот ќе го врати на повторно судење пред Кривичниот суд или ќе ја преиначи затворската казна.

Вчера еден од членовите на Судечкиот совет не бил на работа од објективни причини и петчлениот совет сè уште не заседавал за да донесе одлука. Од Апелацискиот суд велат дека членот треба да се врати на работа денеска, но не предвидуваат кога може да биде донесена одлука. Единствено се категорични дека вчера судот не донел одлука и дека таа ќе биде донесена во законски рамки.

Сепак, Апелација нема рок до кога треба да ја донесе одлуката.

„Рокот за одлучување зависи од предметот, каква тежина има, колку е комплициран, колку треба да се проучи, колку спорни моменти има, тоа е став на советот кој заседава и кој може да заседава и може да донесе правилна одлука. Откако ќе се одлучи, судот има рок од шеесет дена да ја изготви одлуката“, велат од Апелацискиот суд.

И одбраната на Груевски е во исчекување на одлуката на судот, бидејќи според нив имало многу основани жалби кои биле потврдувани не само од судии, адвокати и обвинители, туку и од професори на Правниот факултет.

Нивниот главен аргумент е дека делото за кое се товари Груевски, за примање награда за противзаконито влијание, е застарено. Адвокатката Сања Алексиќ, која е дел од тимот кој го брани поранешниот премиер, вели дека делото за кое се товари Груевски е и апсолутно и релативно застарено.

„Релативна застареност е време во кое мора да се поведе постапка. За ова кривично дело е предвидена затворска казна од една до три години и тоа значи дека од сторувањето на делото обвинителот треба да поведе постапка во рок од три години. Специјалното јавно обвинителство го товари Груевски дека побарал да се набави возило и ако одиме по тоа дека тие го врзуваат ова дело со конкретен разговор за кој тврдат дека бил на 26.2.2012 година, моментот до кога тие требало да поведат постапка е  26.2.2015 година, кога СЈО не беше ни формирано. Апсолутниот рок истекол пак на 26.2.2018 година, шест години откако било извршено. Бројката шест се добива со дуплирање на највисоката затворска казна која е предвидена за ова дело“, објаснува адвокатката.

Обвинителот од СЈО, Гаврил Бубевски, во изјава по седницата рече дека очекува одлуката да биде донесена за пет до шест дена. Според Бубевски, не може да се тврди дека делото е сторено на 26 февруари, затоа што тогаш се случил телефонскиот разговор во кој Груевски наложил да се набави возилото, но оти потоа имало неколку средби и договарање меѓу Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Покрај тоа, во меѓувреме, Груевски сторил уште неколку потешки кривични дела за кои во тек се судски постапки поради што не може да настапи застареност на првото дело.

Одлуката за тоа дали Груевски ќе биде прв поранешен премиер кој ќе замине во затвор ќе ја донесе петчлениот совет на чело со судијката Цветанка Периќ. Груевски вчера се појави во Кривичниот суд каде што требаше да се одржи рочиште за случајот „Титаник“ во кој е обвинет.

Тој нема одговарано на новинарски прашања откако судијката Добрила Кацарска го осуди на две години затворска казна. Единствено изјава за медиумите, но без прашања, даде за одлуката што се очекува да ја донесе Апелација. Тој тврдеше дека судската одлука за него била донесена пред време и дека судиите биле под невиден притисок да го стават во затвор пред референдумот кој треба да се одржи на 30 септември. Поранешниот премиер очекува одлуката на судот да биде казна затвор помалку од една година, за тој да нема право на жалба во Врховен суд.

Одлуката на Апелација се смета за конечна, иако двете страни имаат право на вонредни правни мерки до Врховниот суд, но тоа не го спречува извршувањето на одлуката. Доколку Груевски биде осуден, односно доколку Апелацискиот суд ја потврди затворската казна, а откако за тоа писмено ќе бидат известени неговите адвокати, ќе добие налог од судот во рок од три дена да се јави на издржување на казната во затвор. Тој има право да бара одложување наведувајќи од кои причини.

За набавката на луксузниот мерцедес, осуден е и поранешниот помошен министер во МВР, Ѓоко Поповски, на шест години затвор, кој заедно со својот адвокат единствено присуствуваа на седницата на Апелација. За злоупотреба на службената положба ѝ се суди и на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, но во одвоена постапка.

Фросина Факова – Серафиновиќ