Анѓушев: Фени е на добар пат да се рестартира


Комбинатот Фени е на добар пат да се да се рестартира, изјави денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Вчерашното решение на Одборот на доверители да поддржи две иницијативи за реструктуирање на комбинатот, потенцираше Анѓушев, значи дека не оди во ликвидација, туку во реструктуирање.

– Планот за реструктуирање ќе покажа дали сите доверители ќе ги добијат побарувањата во целост. Не можам да кажам што ќе содржи тој, но сметам дека е на пат тие да бидат во најдобар дел обештетени, рече Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања, по доделувањето договори за иновативни проекти.

Вицепремиерот потенцираше дека Владата будно го следи процесот во Фени, што сега го водат судските органи, и води грижа за интересите на вработените.

– Со задоволство можам да кажам дека по два месеца, иако имаше доста контроверзни информации, резултатите зборуваат сами по себе. Зборот е збор, тоа што беше кажано е остварено и Фени е на добар пат да се рестартира, рече Анѓушев.

За да се заштити капиталот и работниците, дополни, е потпишан договор за преработка на руда. Гарантирано е дека сите ќе одат на работа и ќе земаат плата.

– Моментно се прават подготвителни активности за рестартирање на компанијата. Додека не се заврши со планот за реорганизација во меѓувреме сите вработени ќе одат на работа и ќе земаат полна плата, компанијата ќе стопанисува а со тоа ќе и помага на државата, ќе се земаат даноци и ќе има учество во БДП, изјави Анѓушев.

Сметам дека со домаќински пристап кој се покажа од сите чинители во овој процес можеме да покажеме оти со таков пристап може да се рестартира Фени и да се спаси секоја компанија.

По вчерашното решение од Собранието на доверители, стечајниот управник Мирослав Анастасиевски и банките доверители најдоцна за 45 дена треба да направат план како да продолжи работењето на ФЕНИ.

Како што изјави вчера Анастасиевски, друштвото е неликвидно, бележи пад на приходите и загуби уште од 2013 година, а требало да банкротира уште во 2014 -2015 година.

Одборот на доверители на седницата на 30 минатиот месец донесе одлука за склучување договор за преработка на никелова руда на овој комбинат со друштвото GSOL, за минимален месечен надомест од 1.200.000 евра