Анѓушев: Предложениот буџет за 2018-та е досега најреформски и најекономски


Од сите буџети досега, предложениот за 2018 година има најреформски и најекономски карактер. Детерминиран е од потребите на граѓаните зашто над 60 проценти од нив се изјаснија дека прв приоритет што го очекуваат од Владата е подобрување на економскиот амбиент, изјави попладнево на прес-конференција во Владата вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, презентирајќи ги економските ставки во Предлог-буџетот за наредната година.

Тој е 211,7 милијарди денари или 3,4 милијарди евра и треба да обезбеди најмалку 3,2 отсто раст на БДП. Дефицитот е проектиран од 2,7 отсто со тенденција на опаѓање.

Анѓушев истакна дека со буџетот мора да се обезбеди стабилност во земјата, да се поттикне развојот и да се направи правична распределба на народните пари и затоа, рече, суштината е дека ќе се обидеме да ги скратиме сите непродуктивни трошења кои не носат никаков бенефит на народот.

За капитални инвестиции со кои треба да се подобри животот на граѓаните се планирани над 24 милијарди денари или повеќе од 400 милиони евра: 3,5 миилјарди евра за патна и железничка инфраструктура; 5,9 милијарди денари за комунална и енергетска инфраструктура; 405 милиони денари за инвестиции во ТИРЗ; 2,4 милијарди денари за образование и спорт; 1,9 милијарди денари во здравството; 1 милијарда денари во одбраната; 531 милиони денари во правосудството и 917 милиони денари за јавен ред и безбедност.

Директно во економијата, рече вицепремиерот, се детерминирани 4,1 милијарди денари, кои се за програми поврзани со Планот за економски раст и дополнително за поттикнување на вработувањето. Зголемувањето во Програмата за економски развој во целина – за економски мерки и подобрување на економијата во државата е 46 проценти во однос на ребалансот на Буџетот за 2017 година.

– Мислам дека ова е бројка што треба да ја запаметиме. Цениме дека ова е рекордно зголемување за овие програми, кое досега ниеден буџет не го содржел. Притоа се направени скратувања на непродуктивните трошоци од 91 проценти, со цел да се овозможат што е можно повеќе пари за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, истакна Анѓушев.

Го потенцираше и поттикнувањето на вработувањето за кое се предвидени една милијарда денари односно зголемување од 5 проценти од, како што рече, било кога досега што се потрошени средства.

– Ќе се стимулираат само фирмите кои ќе даваат повисоки плати за граѓаните со цел да се зголемуваат личните доходи и нема да биде стимулирана ниту една компанија ни еден субјект во Република Македонија кој нема да даде достојна плата на граѓаните. Плата доделена под 18.000 денари нема да се стимулира, а се што е над таа плата, ќе се стимулира со 20 проценти од Буџетот на РМ за новите вработувања кои чекале повеќе од три месеци во Агенцијата за вработување или за сите тие кои излегуваат директно од образовниот процес, истакна Анѓушев, нагласувајќи дека повеќе ќе нема нетранспарентност и дискрециско трошење на средствата.

– Тоа е затоа што сета помош која досега била доделена за креирање работни места изнесувала и до 11.000 евра по креирано работно место, а притоа на вработените им се давани плати од 8.000 до 10.000 денари, рече вицепремиерот.

Ги наброи клучните зголемувања во буџетските ставки: 592 отсто повеќе во однос на ребалансот има за поддршка на домашни гринфилд инвестиции. Зголемување од 119 отсто ќе има за подобрување на инфраструктурата во ТИРЗ; 23 проценти зголемување за привлекување странски инвестиции и развој во слободната економска зона. Притоа нагласи дека домашните и странските инвестиции ќе имаат еднаков третман и дека приоритет на Владата е плаќањето социјални придонеси.

– Оваа Влада плаќањето социјални придонеси го става како императив и нема да дозволиме ни една компанија во иднина да не плаќа социјални придонеси. Со тоа не можеме да правиме компромиси, истакна Анѓушев.

Клучни зголемувања има и за поддршка на деловното опкружување и олеснување на бизнис средината (140 проценти), за поддршка на малите и средните претпријатија, кои во Македонија се застапени над 90 отсто, ќе има зголемување од 102 проценти односно буџетот за нив е 38 милиони денари. За поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи се планирани 91 милионии денари и 326 милиони денари или 44 отсто зголемување за развој на планските региони, селата и специфичните подрачја.

– Со овој буџет Владата на РМ сака да покаже дека е развојно ориентирана, ориентирана кон капитални инвестиции, кон економски развој и подобрување на животот на секој граѓанин во државата, дека е детерминирана еднакво да ги вреднува македонските и странските инвеститори. Се бориме за повисоки плати на сите работници и за повисок животен стандард, рече вицепремиерот задолжен за еконмски прашања.