Анѓушев: Не може „Еко Герила“ да кажува дали Југохром ќе работи или не


Не може „Еко Герила“ или која било друга организација да кажува дали некоја компанија ќе работи или не. Никој не може да биде над институциите на дражвата. Јасен е ставот на Владата, Југохром неможе да проработи ако не ги задоволи еколошките стандарди, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на првиот проект за Зелениот климатски фонд, Анѓушев напомена дека Југохром веќе ги поставува филтрите и целиот процес треба да заврши до октомври-ноември годинава. Компанијата, согласно финансикиот план, мора да обезбеди уште  еден милион евра, а ако тоа го стори Владата ќе и помогне со кредит од дополнителни 1,5 милиони евра од Македонската банка за поддршка на развојот, со што ќе може  да се заокружи процесот во целост.

– Договорено е Југохором да ги постави филтрите. Сопственикот на компанијата се соочуваше со одредени финансиски тешкотии околу имплементација на проектот. Ја разгледавме ситуацијата и констатиравме дека постои физибилност комбинатот да работи, поготово со сегашната конјуктура на цените на металите на светските берзи. Може да работи профитабилно и да остварува профит, истакна Анѓушев.

Според него, Југохром доцнеше со проектот, но тоа е приватна фабрика и Владата не може да се меша во нејзината работа, но го охрабри инвеститорот, односно ќе му помогне.

– Ако Југохром ги задоволи еколошките стандарди што е во интерес на државата, а пред се во интерес на вработените и жителите на тој регион, ќе биде ставен во функција, потенцира вицепремиерот.