Анѓушев и Тевдовски веруваат во раст од 3,2 отсто


Падот на градежништвото од 40 отсто во првиот квартал од годинава и вкупниот раст на БДП од 0,1 отсто во истиот период не ги обесхрабрува вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за финансии Драган Тевдовски. Тие вчера изразија оптимизам дека македонската економија до крајот на годината ќе расте, и покрај обесхрабрувачките резултати од првиот квартал.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев смета дека до крајот на годинава може да се реализира предвидениот раст од 3,2 отсто. Својот оптимизам го темели на фактот дека во првите три месеци од годинава имало раст во сите сектори, освен во нискоградбата, а причина за тоа е застојот во изградбата на двата автопати автопатиштата Охрид-Кичево и Миладиновци-Штип.

„Сигурен сум дека постигнување на раст од 3,2 отсто е можен до крајот на годината и покрај лошиот резултат од првиот квартал. Во овој период имаме раст во земјоделството од 6,5 отсто, во индустријата од 5,5 отсто, во трговијата на големо и кај високоградбата има раст од два отсто, а во нискоградбата пад од 40 отсто“, рече Анѓушев.

Падот од 40 проценти во градежништвото Анѓушев го образложи со одлуката на Владата да не продолжува изградбата на автопатиштата Охрид-Кичево и Миладиновци-Штип по секоја цена, особено со проекти кои се штетни за граѓаните од финансиски аспект, но уште поважно кои се технички неизработени и неисправни.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, исто така, е оптимист дека растот на економијата ќе се движи.

„Индикаторите покажуваат дека во индустријата, земјоделството има раздвижување, извозот е силен, и правиме вистински притисок во градежништвото, пред се, во нискоградбата каде што е проблемот. Јас сум оптимист дека ќе го движиме растот и сега и во следниот период“, рече Тевдовски, и нагласи дека во изминатите години растот се темелеше на вложувањата во споменици, врби, фасади и слично, што не носи резултати во економијата.

Целата економија е во пад, а Македонија е на дното на Европа, е одговорот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на оптимизмот на Анѓушев и Тевдовски.

„Македонија тоне со СДСМ на власт. Со раст на БДП од 0,1 отсто и пад на градежништво од 37 отсто се покажува и докажува дека државата само се задолжува, а ништо не се работи особено на инфраструктурен план. За ваквото уназадување на државата СДСМ треба да одговара, а не да се оправдуваат со наводни проблеми на некој проект за да се извади за својата неспособност и фијаското на инвестициски план“, се вели во соопштението на партијата. (С.Н.)