Анчелоти: Ќе биде тешко против Црвена ѕвезда на „Маракана“


Тренерот на Наполи Карло Анчелоти изјави дека неговиот тим ја сфаќа тежината на натпреварот против Црвена ѕвезда во Белград на стартот од Лигата на шампионите.

– Важно е да играме наш фудбал и да направиме се за победа. Групата Ц е исклучително тешка, а можеби и најтешка. Ги имаме одличните Ливерпул и ПСЖ, но и Црвена ѕвезда која одлично игра на домашен терен. Ќе биде навистина тешко, истакна тренерот на Наполи.

Анчелоти нагласи дека е свесен за поддршката која Црвена ѕвезда ја добива од своите навивачи, како и дека многу фаворизирани клубови биле поразени на белградскиот стадион.

– Свесни сме колку ќе биде тешко да се игра на „Маракана“. Ѕвезда е добра екипа. Го елиминираше Салцбург во квалификациите, а добро игра и во домашното првенство. Но ние сакаме победа, бидејќи важно е добро да го почнеме натпреварувањето, наведе Анчелоти.

За искусниот тренер ова ќе биде трет натпревар во кариерата против Црвена ѕвезда во Белград.