Антонија Ристовска во улога на мајка и дизајнерка: Ја омажив ќерката Елена


Во прекрасниот амбиент на манастирот „Свети Јован Бигорски“, во интимна атмосфера со најблиските роднини од кругот на семејството и кумовите, модната дизајнерка Антонија Ристовска ја омажи ќерка си Елена (31), раководител на одделот за корпоративни комуникации во Вип.Оне. Избраникот е Маријан Димовски (33), дипломиран забен техничар-протетичар и работи во своја приватна ординација.

– Тоа беше посебно волшепство и убавина од моментот кога заѕвонеа црковните ѕвона. Посебен момент на емоции на радост и среќа. Граѓанската регистрација и заедничкиот ручек се одржаа во Куќата на Мијаците, во непосредна близина на Манастирот. Забавата и прославата со блиски пријатели и роднини ќе биде кон крајот на јуни. Ова е желба на младата двојка и ние како родители ја почитуваме нивната желба, вели Антонија.

Антонија, освен како горда мајка, на венчавката беше и дизајнерка на венчаницата на невестата.

– Најомилен дел од мојата работа ми е дизајнирањето венчални фустани. Тоа е поле каде што креативноста и фантазијата може максимално да се изрази. И после многу создадени венчаници секогаш ме водела мисла дека за моите ќерки ќе сакам да направам венчаница која дотогаш не сум ја направила, но секако нивната желба е на прво место. Чувството е преубаво, ја уживам довербата кај моите ќерки дека ќе го направам најдоброто за нив. Елена ја имаше слободата да избере што сака, имавме неколку варијанти на венчаници. А сега, според планот на младите, бидејќи е посебно венчавката и посебно забавата, правевме и две венчаници. Сега е во подготовка венчаницата за свадбената забава – раскажува Ристовска која е присутна на македонската модна сцена над 24 години.

Елена на венчавката во Бигорски блесна во необична и модерна венчаница, но со „етнопризвук“.

– Елена е девојка која отсекогаш ја сака едноставноста, со доза на спортска нота, тоа е нејзин стил. Венчаницата ја дизајниравме заедно. Всушност, тоа е боди со здолниште. Изборот на тенка памучна тантела, која е ситна во својот дизајн, ѝ даде нежност на целата венчаница. Украсни детали беа трите тенки ременчиња на половината во пудра боја кои назад завршуваат во три машнички како и ситните копченца на ракавите во пудра боја. Накитот што го носеше на вратот и на косата е рачно изработен со фасетирани кристали во неколку пастелни пудра бои – ни откри Ристовска.

Со твој потпис беше и твојата тоалета и на помалата ќерка Ања?

– Во моментите кога размислував за мојата тоалета, ме водеше мисла да си издизајнирам нешто што и после многу години ќе изгледа убаво, што значи во безвремен стил. Jа избрав корално црвената боја бидејќи изгледа свежо, младешки и одговара на мојот тен. Во горниот дел е памучна тантела набавена од Италија. Помалата ќерка Ања е голема креативка и девојка со особен стил. Таа сама си го дизајнираше својот аутфит. Тоа е триделна тоалета, боди од француска тантела со шифон и панталони со натсукња.

Препознатлива си и по колекциите на венчаници. Што е најбитно за една венчаница? Дизајн, материјал, удобност или желбата на невестите?

– Последните неколку години сум посветена најмногу на подготовка на венчаници. Станавме омилени меѓу младите девојки и посебно ми е драго за тоа. Кога станува збор за венчаница, важни се сите елементи почнувајќи од дизајнот, материјалот, удобноста и желбата на невестата. Но сепак најбитно за една венчаница е да биде вистински избор за девојката која ќе ја носи, да го отслика нејзиниот карактер, да одговара на нејзината конституција и да соодветствува на амбиентот во кој ќе се одржува забавата – вели Антонија.

Лејла Сабит   Фото: Приватна архива