Антинационалисти или властољупци?
Здравко Савески
На Балканот има вишок историја, вишок национализам. Балканските народи се трујат со национализам уште од деца, постојано се држат актуелни националните прашања, па додека ние се мразиме – тие нè ограбуваат. Овде ние сме обичниот народ на Балканот, а тие – нашите политички елити во многуте балкански земји. Национализмот секогаш и секаде е одлична алатка за да го насочиш вниманието на народот на друго место, а потоа ти намира да можеш да го крадеш. Зашто тогаш нема да внимава, барем не онолку колку што треба.
Груевски во огромна мера го користеше национализмот како алатка на владеењето. Тоа му овозможи да ужива поддршка и покрај тоа што го осиромашуваше народот и му „купи“ неколку години дополнително на власт. Оттука, раскрстувањето со неговите националистички практики на владеење мораше да дојде. За Македонија конечно да тргне напред, мора да гради добри меѓуетнички односи и, уште повеќе, мора да се создаде општествена клима каде што етничкиот идентитет нема да се перципира како севкупен идентитет на еден човек и каде што конечно нема да биде важно дали некој е Македонец, Албанец, Ром, туку каков човек е тој. И Македонија треба да го даде својот придонес на Балканот, во насока на подобрување на односите со соседите за ние, малите државички на Балканот, да престанеме да бидеме марионети на големите светски играчи и меѓународниот капитал и, заедно, да можеме да ги одбраниме поефикасно нашите заеднички интереси.
Сето ова може да создаде впечаток дека „новата“ власт на СДСМ и ДУИ е на вистинскиот пат. За разлика од борбата против сиромаштијата и против злоупотребите на власта, на овој план таа започна исклучително офанзивно. Уште од првиот ден. Потпишување договор со Бугарија, унапредување на употребата на албанскиот јазик, сега, решавање на деценискиот спор со Грција за името. Самата офанзивност со која се фрлија да ги решаваат овие прашања е индикативна. Зошто ваква офанзивност има во врска со овие прашања, а нема околу животниот стандард на обичниот граѓанин? На тој план, „ќе видиме“, „ќе дискутираме“, тоа што го ветивме – сакаме да го заборавите! Ќе ви фрлиме по некоја коска, а за вас, во вашата сиромаштија, и тоа е многу!? Фактички, на тоа се сведува однесувањето на „новата“ власт околу ова прашање.
Која е мотивацијата за офанзивната стратегија со која се зафатија на решавање на националните прашања? Дали наивно, но искрено веруваат дека со зачленувањето во НАТО и во ЕУ автоматски ќе се подобри животот во Македонија? Или се толку радикални антинационалисти што, свесни за злото што го нанесува национализмот, сакаат преку ноќ да му нанесат смртоносен удар? Или, можеби, станува збор за исклучителна подготвеност да се направи сè што е потребно за да се биде на власт? Ќе да е третото.
Во однос на изгласувањето на Законот за јазиците, тоа е толку очигледно што дури нема ниту потреба многу да се објаснува. Секому му е јасно тоа како бел ден. СДСМ сака да биде на власт и затоа му е потребна поддршката од ДУИ. На ДУИ му е потребно зајакнување на рејтингот кај своето гласачко тело, па инсистираше дека токму ова прашање е најважното прашање за обичниот човек Албанец во Македонија, а не тоа што и обичниот човек Албанец во Македонија го крпи животот како и обичниот човек Македонец. За тоа, реално, не им е гајле, како што не му е гајле ниту на СДСМ ниту на ВМРО-ДПМНЕ.
Малку повеќе треба да се анализира мотивацијата за итно решавање на спорот за името. Очигледно, тоа е поврзано со стремежот под итно Македонија да стане членка на НАТО. Но, од каде одеднаш таа итност? На Македонија ѝ се заканува некоја опасност да биде нападната во следниот период? Не, не е тоа. Ќе се зголемеле странските инвестиции штом станеме дел од НАТО? Прво, ако се сака да се работи на подобрување на животниот стандард на обичниот народ, тоа може да се покаже преку други мерки, а не преку инсистирањето Македонија по секоја цена да стане членка на НАТО. Второ, нивото на странските инвестиции во никој случај не се прелева автоматски во повисок животен стандард за граѓаните. Трето, ние сме веќе одамна дел од НАТО, како земја членка на Партнерство за мир, па ако имаше некои економски реперкусии од тоа да се биде дел од НАТО, тие одамна ќе се покажеа. Не, едноставно не може подготвеноста под итно и по секоја цена да станеме целосна членка на НАТО да биде мотивирана од стремежот за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Може тоа да се должи на типичниот владејачки трик, целосното зачленување во НАТО да се користи како изговор дека добро се владеело, без разлика што се потфрлило на многу други прашања, далеку поважни за граѓаните? Тоа го објаснува стремежот, но не и итноста со која се пристапува кон прашањето. Затоа, мотивацијата треба да се бара на друго место.
Во моментот, на НАТО му е поважно Македонија да стане целосна членка отколку што тоа ѝ е потребно на Македонија. САД во последните 15 години водеа катастрофално лоша надворешна политика. Ги загрозија своите глобални интереси и им дозволија на своите конкуренти, Русија и Кина, значително да зајакнат. Потфрлањето во надворешната политика особено се покажа на дело во исклучително важниот регион на Блискиот Исток. Наместо апсолутната и цврста контрола над овој регион, САД се сведок како расте влијанието на Русија и Иран. Турбуленциите во Украина исто така ја поткопаа претходната американска самоувереност. Русија го анектира Крим без САД и ЕУ да можат на кој и да е ефективен начин да се спротивстават.
Во таа ситуација, очигледна е намерата да не се испуштат конците на Балканот и да се зацементира припадноста на малите балкански земји во западната сфера на влијание. Реално, можноста за поголемо руско влијание не постои, но ја знаете изреката: кој се изгорел на млекото, дува и на маштеницата. Во однос на Македонија, тоа значи нејзино итно целосно зачленување во НАТО. Бидејќи на тој пат препрека е грчкото вето, се наметна итност да се реши ова прашање. А бидејќи во случајот на Грција ќе оди потешко со наметнувањето на волјата, притисокот за правење компромис главно е насочен врз Македонија.
Новата власт се покажува целосно подготвена да ги задоволува желбите и интересите на САД. Кога една земја себеси ќе се доведе во подредена колонијална положба, тогаш на власта во таа земја ѝ е дозволено сè да прави сè додека постапува согласно волјата на колонијалниот господар. Па кога волјата на колонијалниот господар е Македонија по секоја цена под итно да стане целосна членка на НАТО, зошто да не се направи компромис околу името на државата?
СДСМ веќе креира незадоволство од своето владеење по многу основи. Неизбежниот заклучок е дека тие се подготвени да направат сè што е потребно за да бидат на власт. А кога некој ја поседува таа мотивација, ништо добро не може да следува од тоа.
(Авторот е политиколог и член на Левица)