Антикорупциска ќе го чешла финансирањето на ДУИ


Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го проверува финансирањето на ДУИ откако невладината „Транспаренси интернешнел -Македонија“ објави сомнителни донации кон партијата на Али Ахмети. Според организацијата, „Македонска пошта“, „Аеродроми на Македонија“ и „Македонски железници – инфраструктура“ се јавуваат на листата на донатори на ДУИ за минатата година, што е спротивно на законите за спречување на корупцијата и за финансирање на политичките партии.

По претставка од „Трансперенси“, Антикорупциската комисија за ова го известила Обвинителството, поради сомнение за злоупотреба на буџетски средства.

Оттаму добиле одговор дека по разгледување и анализа на добиените податоци, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија, утврдено е дека сомневањата изнесени во претставката се основани и оти од прибраната документација произлегуваат факти и околности кои упатуваат на прекршување на одредбите од Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување на корупцијата кои забрануваат користење на буџетски средства, средства од јавни фондови и средства од јавни претпријатија за финансирање изборна активност, односно друга политичка активност. „Документацијата од која произлегуваат овие сомневања, Државната комисија за спречување на корупцијата ја предала во Основното јавно обвинителство Скопје, кое е надлежно за понатамошно испитување на овие информации“, соопштија од „Транспаренси интернешнел – Македонија“. (Н.В.)