Антикорупционерите на одмор: Нема кој да отвори предмет за грантовите


За скандалот со грантовите нема кој да отвори предмет. И формално администрацијата и двајцата членови кои останаа во антикорупциската комисија се на одмор. Вратата на објектот каде што се наоѓа комисијата е отворена, но внатре нема никој, единствено вработената која дава информации и запишува кој влегол во институцијата. Таа нè извести дека вработените се на одмор, но Комисијата не функционира и кога не е на одмор бидејќи веќе пет месеци таму членуваат само двајца членови.
Не успеавме да ја добиеме ниту Розета Трајан, која е генерален секретар, за да ни одговори дали Државната комисија за спречување на корупцијата е можно да отвори предмет за доделувањето на грантови од Фондот за иновации на јавни функционери.
По оставките на петтемина членови на антикорупциската комисија, односно од 19 март кога се констатирани нивните оставки, Комисијата нема одржано ниту една седница. Според последните изјави на Трајан во медиумите, секретаријатот на комисијата администрира, односно секојдневно ја завршува стручната и техничката работа, но сепак не одржува седници, не одлучува по предмети, не констатира судир на интереси и не ги решава барањата што им ги доставуваат институциите за мислења.
„Антикорупциска не функционира во делот на решавање и одлучување, но функционира во делот на администрирањето“, вели Трајан.
Иако поранешните антикорупционери препознаваат судир на интереси и корупција во доделувањето грантови, вицепремиерот Кочо Анѓушев останува на својот став дека во овој случај нема никаков судир на интереси и никакво заобиколување на законот.
„Ние престанавме да делиме средства зад затворени врати и во класифицирани договори. Тие се сега вклучени во закон и компаниите кои го задоволуваат законот имаат право да аплицираат. Компаниите во кои сум сопственик, неколку пати веќе објаснив, се повлекоа, не поради тоа што има конфликт на интереси, туку поради сензитивноста на јавноста“, изјави Анѓушев.
Вицепремиерот Анѓушев вчера на прес-конференција зборуваше за индустрискиот раст на земјава и вели дека за економијата не се битни неговите две компании.
„Ако тие се проблем, нема да аплицираат, но ние треба да гледаме што е добро за целокупната економија, а овие бројки покажуваат дека целокупната економија се придвижува. Стопанството ги има препознаено мерките, дека инвестицискиот циклус е почнат, а јас сум длабоко убеден дека по успешниот референдум и придвижувањето на нашиот процес кон евроатлантските интеграции тоа само ќе биде со поголем интензитет и ќе биде позначително. Сите треба да сфатиме во кој правец оди Македонија и треба тој воз да го фатиме и да обезбедиме една поизвесна иднина“, вели Анѓушев.Токму Европската Унија, кон која се стремат Анѓушев и Владата, борбата против високата корупција ја постави како услов за добивање датум за почеток на преговорите на Македонија.
На телефонските повици не одговори ниту поранешниот антикорупционер Драган Малиновски, кој учествува во работната група за измени на Законот за корупција. Според неговите последни предвидувања, до крајот на летото треба да завршат измените на законите и потоа да бидат избрани новите членови на антикорупциската комисија.Идејата на работната група е да се спојат двата закона, Законот за спречување на корупцијата и Законот за судир на интереси.
Антикорупциската комисија има превентивна улога во борбата против корупцијата, но во изминативе години, и додека функционираше со сите членови, не отвори ниту еден случај против високи функционер.(Ф.Ф.С.)