Антивладини демонстрации во Будимпешта


Будимпешта – Антивладини демонстрации под слоганот „Национален протест против робовските закони“ се одржуваат денеска во Будимпешта.

На протестите, кои се организирани преку социјалната мрежа Фејсбук, им се приклучија членови на опозициските партии, синдикати и невладини организации. Демонстрантите се собраа на плоштадот извикувајќи: „Не сакаме да бидеме робови“ и „Фидес мафија“.

Од владејачката партија Фидес тврдат дека настанот е дел од предизборната кампања на американскиот милијардер Џорџ Сорос пред изборите за Европскиот парламент.

– Сорос сака да ги зајакне проимиграциските сили и ги мобилизира партиите и организациите да ги напаѓаат владите кои се против миграцијата, изјави портпаролот на Владата, Балаж Хидвеги.

На плоштадот кај унгарскиот парламент, како што е најавено, треба да се обратат повеќе од 15 говорници.

Со новиот закон за работа, на работодавачите им е дозволено да бараат и до 400 часа прекувремена работа годишно, поради што критичарите го нарекоа „закон за робови“.