Анкета на ИРИ: Расте поддршката за договорот за името


Мнозинството македонски граѓани сакаат да се реши спорот за името со Грција и Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО, покажува анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во пресрет на референдумот на 30 септември.
Вкупно 57 проценти од анкетираните поддржуваат Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО под ново име „Република Северна Македонија“, од кои 37 отсто даваат „целосно“ поддршка, а 20 проценти „донекаде“. Ист процент од анкетираните (57) веруваат дека придобивките од членството го оправдуваат прифаќањето на новото име. Половина од анкетираните (49 проценти) имаат намера да гласаат за решавање на спорот за името, споредено со 22 проценти, кои ќе гласаат против предложената промена.
– Како што Македонија се приближува кон овој важен референдум, поддршката за компромисно решение на спорот за името, што би ги отворило вратите кон членство во ЕУ и НАТО, укажува на силна наклонетост кон трансатлантските институции, вели Пол Мекарти, в.д. регионален директор на ИРИ за Европа.
Поддршката за членство во ЕУ и НАТО продолжува да расте. Бројот на анкетираните кои го поддржуваат зачленувањето на Македонија во ЕУ порасна на 83 проценти – што е зголемување од шест проценти од однос на август 2017, а за 11 проценти од март 2017. Поддршката за НАТО исто така останува силна со 77 проценти.
Анкетата одразува и постојан тренд на зголемен оптимизам и перцепција за националната стабилност. Триесет и седум проценти од анкетираните сметаат дека земјата се движи во вистинската насока – што е зголемување од 10 проценти од август 2017 и 23 проценти од март 2017. Перцепцијата за стабилноста е исто така висока. Бројот на анкетирани кои сметаат дека Македонија е постабилна денес отколку пред една година (37 проценти) го надминува бројот на оние кои веруваат во спротивното (25 проценти) што е првпат во последните девет години.
Анкетата на ИРИ е спроведена за Центарот за анкетни истражувања преку ГфК Скопје. Податоците се собрани преку интервјуа лице в лице од 28 јуни до 15 јули. Со истражувањето се опфатени 1.100 испитаници и тоа е спроведено со поддршка на Агенцијата на САД за меѓународен развој.