Анкета: Мнозинството Косовци очекуваат Србија да го признае Косово


Мнозинството косовски граѓани очекуваат преговорите меѓу Приштина и Белград, што се водат со посредство на Европската унија, да завршат со признавање на независноста на Косово од страна на Србија, покажуваат резултатите од истражувањето на приштинскиот Демократски институт на Косово (КДИ) во врска со очекувањата на Косовците од дијалогот.

Таков исход очекуваат 61 отсто од анкетиираните, додека останатите 39 отсто сметаат дека Србија нема да го признае Косово.

Според истражувањето, 55 проценти од анкетираните сметаат дека договорот ќе резултира со прием на Косово во ОН.

Дури 78 отсто од анкетираните не очекуваат дека Приштина и Белград ќе се договорат за размена на територии, додека спротивното го мислат 21 проценти од испитаниците.

Формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население го поддржуваат 31 отсто од испитаниците, а против се 68 проценти.

Косовскиот претседсател Хашим Тачи како главен преговарач со Белград го поддржуваат 43 отсто од анкетираните, 25 проценти сметаат дека тоа треба да биде премиерот Рамуш Харадинај, додека 31 отсто се за тоа на чело на преговарачкиот тим да биде некој од лидерите на опозициските партии.